Многу гости, малку промет - од следната година само два крузера дневно во Дубровник

Хрватска

Зголемениот број гости од крузерите беа повод хрватскиот град да се најде на дневен ред на УНЕСКО, кое размислуваше Дубровник да го прогласи за загрозено културно наследство

Дубровник ја доби битката со крузерите и од идната година во најпосетуваниот град на Медитеранот дневно ќе впловуваат само под два крузера, кои ќе носат најмногу 5.000 посетители. Според склучениот договор со големите поморски компании во градот, секој ден ќе пристигнува еден брод наутро, а вториот навечер. По ова останува да се реши и проблемот со хаосот во такси-превозот, за што е виновна либерализацијата на пазарот. Оваа сезона во градот работеа повеќе од илјада таксисти, посочува градоначалникот на Дубровник, Мато Франковиќ.

До постигнувањето на договорот со големите компании дневно во Дубровник истовремено впловуваа по седум крузера, а во централното градско подрачје одеднаш се движеа по десет илјади патници. Со подобриот распоред значително беа намалени турканиците на дубровничките улици, поради што градот неколкупати се најде на насловните страници на светските медиуми, и тоа како „непожелна дестинација“.
Зголемениот број гости од крузерите беше повод хрватскиот град да се најде на дневен ред на УНЕСКО, кое размислуваше да го прогласи за загрозено културно наследство. Експертите на оваа организација проценија дека во централното градско јадро во исто време може да се најдат најмногу осум илјади посетители, но градската управа реши нивниот број да го преполови.

– Повеќе ќе нема негативни слики во медиумите со блокирани влезови и блокираната улица Страдун. Со подобрата координација на пристигнувањето на крузерите тоа е избегнато. Дубровник може да прими и повеќе гости од бродовите, но тоа мора да биде правилно распоредено. Имаме и денови во сезоната кога не впловува ниеден крузер – забележува градоначалникот Франковиќ.
За да се спречи метежот во стариот град, воведен е систем од камери што ги бројат патниците при влезот во историскиот дел на градот. До крајот на годинава во Дубровник ќе пристигнат 440 патнички брода, со околу 740 илјади патници. Тоа е за три отсто помалку според бројот на бродовите од лани, но има пет отсто повеќе патници.

Иако изгледа дека крузерите го оживеале дубровничкиот туризам, зголемениот број посетители им создаваат многу проблеми на градските власти. Најчесто прашање на туристите било кога е најдобро време да се посети градот, а притоа да можат и да видат нешто од прошетката. Масовниот туризам ги привлече трговците со евтини сувенири и производи, со што ги потиснаа брендираните и скапи продавници во градот. Наместо да биде елитна туристичка дестинација, Дубровник стана излетничко место во кое гостите се задржуваа просечно по два дена.

Сликите од минатото, кога во Дубровник можеа да се видат познати светски фаци и холивудски ѕвезди што пристигнуваа со луксузни јахти, станаа реткост. Со падот на високоплатежните гости, Дубровник се соочуваше со малата потрошувачка моќ на излетниците од крузерите. Тие трошеа сѐ помалку, а се проценува дека секој патник од крузерите во просек троши по 37 евра. Во оваа сума влегуваат трошоците на локалните агенции и туристички такси. Искуството на продавачите на сувенири покажува дека гостите не се расположени да платат повеќе од десет евра.