Во Црна Гора има отсуството на нови политички алтернативи

Во октомври 2016 година опозицијата бараше повторување на парламентарните избори и расветлување на аферата „државен удар“, но таа не успеа да се наметне како сериозна политичка сила во земјата

Политичката сцена во Црна Гора не успеа да излезе од сенката на „државниот удар“ а опозицијата ни по две години не успеа да се реорганизира, додека црногорското општество остана рамнодушно. Владејачката коалиција ги држи институциите под цврста контрола, додека на јавната сцена повторно преовладуваат националните прашања и агресивен политички вокабулар. Претседателот на управниот одбор на институтот „Алтернатива Стево Мук“, во изјава за „Вијести“, вели дека контролата на власта никогаш не била потешка, а опозицијата и натаму тапка во место.

– Сведоци сме на општата општествена рамнодушност, што е резултат на долгото исцрпување, потрошеност на големите идеи и пароли. Кругот на алтернативата е сведен на ограничен број актери од демократската опозиција, на неколкумина критични НВО и медиуми и уште помалку осамени независни гласови. Тоа е далеку од минимумот за формирање влијателна алтернатива – смета Мук.

Во октомври 2016 година опозицијата бараше повторување на парламентарните избори и расветлување на аферата „државен удар“. Но таа не успеа да профитира од бојкотот на парламентот и по неуспешниот обид да се натера власта на предвремени избори. Партиите, една по една, се вратија во парламентот на Црна Гора. Засега тие не успеаја да се наметнат како сериозна политичка сила во земјата. Ова се должи на постојаното медиумско препукување и расколите во одделни партии. Во парламентот има пет пратеника од опозицијата што дејствуваат независно, а деветмина сѐ уште не учествуваат во собраниската работа.

Опозицијата беше дестабилизирана и со поразот на претседателските и локалните избори и го потврди фактот дека таа не е способна да ја прекине доминацијата на Демократската партија на социјалистите.

– За две години опозицијата не успеа да ги зацврсти редовите, да пронајде заеднички именител и да испорача единствено барање до власта. Таа продолжи да талка и да се раситнува со нови поделби и јавни соочувања. Бојкотот без стратегија за активно вонпарламентарно дејствување не можеше да успее, освен што тоа го намалуваше парламентарната контрола над власта – вели Мук.

Во тој парламентарен празен простор на дејствување, власта успеа да донесе ригидни измени на законот за слободен пристап до информации и на законот за јавни собирања, беа укинати надоместоците за мајките, а ДДВ беше зголемен.

Во меѓувреме, поради „државниот удар“, обвинителството поднесе обвиненија против одделни пратеници од Демократскиот фронт, што дополнително ја радикализира политичката сцена. Јавноста остана нема на партиското преземање на јавниот сервис, а власта ги зголеми нападите на медиумите и критички определените граѓански здруженија.

Извршната директорка на Центарот за граѓанско образование (СГО), Далиборка Уљаревиќ, истакнува дека домашната политичка сцена остана замрзната во рововски позиции.

– Има многу тактички игри и прегрупирања што ги задржуваат истите односи и реторика и сѐ повеќе е видлива истрошеноста на политичките актери да водат сериозен и содржаен дијалог. Случајот со „државен удар“ сѐ повеќе е дел од тој колорит отколку да биде нешто што би го одредило односот на политичката сцена – смета Уљаревиќ.

Оваа афера во изборната кампања обилно го користеше претседателот на ДПС, Мило Ѓикановиќ, кој по едногодишната пауза повторно се врати на државна функција како претседател на Црна Гора. Тој ја врати острата реторика кон опозицијата, но се обиде да го стави во втор план премиерот Душко Марковиќ, кога станува збор за комуникацијата со Европската Унија.

– Се чини Ѓукановиќ успеа да убеди дел од меѓународната заедница дека може да помогне во надминување одредени регионални спорови. Тој вешто игра на политичките разлики внатре во ЕУ, градејќи си алиби за суштински недостиг од волја за спроведување реформи – заклучува Мук.