Владата на нашиот северен сосед како никогаш досега во својата историја, но и пошироко во регионот, излезе со пакет брзи и решителни финансиско-економски мерки за поддршка и ревитализација на домашното стопанство, но и на граѓаните, погодени од последиците од коронавирусот. Програмата беше претставена од министерот за финансии, но со позитивни реакции и поддршка на мерките се јавија претставниците на бизнис-секторот, стопанските комори, како и Комората на работодавците. Очигледно е дека нашиот северен сосед пронашол модел за рапидна и обемна реакција за спас на националната економија, која е консензуално поддржана од сите засегнати страни. Примерот очигледно е вреден за внимание, а можеби и како модел што сериозно треба да се разгледа од експертите и од политичарите во регионов

Над пет милијарди евра или половина од годишниот национален буџет на Србија е вредноста на економскиот пакет мерки за помош на домашната економија и на граѓаните за справување со последиците од коронавирусот. Целта на овие пакет мерки, е државата да го преземе на себе најголемиот товар од кризата. Вредноста на овие мерки изнесува околу 11 отсто од бруто-домашниот производ на Србија, како што објасни министерот за финансии Синиша Мали на завчерашната промоција на владината програма за економски спас на земјата, по ширењето на епидемијата.

Економската програма на српската влада има две основни цели: зачувување на работните места и поддршка на малите и на средните претпријатија. Финансиска помош е предвидена и за занаетчиите и услужните работници (кројачи, фризери, таксисти…) или околу 900 илјади индивидуални претприемачи, кои ќе добијат месечен минимален надомест. На граѓаните, кои немаат постојани приходи, ќе им бидат исплатени три минимални плати почнувајќи од први мај или околу 90.000 динари за секој поединец. За претпријатијата што сакаат да ги користат мерките од програмата, се воведува обврска да не отпуштаат повеќе од 10 отсто од вработените, кои ги имале пред 15 март годинава. Како директна поддршка за граѓаните е предвидена исплата по 100 евра, но овие пари тие ќе ги добијат на сметка неколку недели по укинувањето на вонредната состојба.

– Едно од најголемите барања на претпријатијата беше државата да ги ослободи од плаќање данок и придонеси. Тие не мора сега да ги плаќаат овие фискални обврски. Државата ќе ги плати. Ако фирмите немаат за нето, државата ќе го исплати минималецот. Парите ќе им бидат исплатени на нови наменски сметки на фирмите, но директно на работниците. Неплаќањето на даноците и придонесите е 161 милијарда динари, тоа се помалку приходи во буџетот. Целиот пакет е направен со намера најголемиот товар од кризата да го преземе државата, само со помали последици да излеземе од кризата – изјави министерот Синиша Мали во настапот на РТС.

Економските експерти, стопанските комори и компаниите имаат позитивни коментари за владиниот пакет мерки за справување со последиците од здравствената и економската криза. Претседателот на Сојузот на економистите на Србија Александар Влаховиќ, вели дека една од најважните работи е што државата обезбедила доволно пари што гарантира дека претпријатијата ќе можат да продолжат да функционираат во услови на вонредна состојба.
– Значајно за оваа антикризна програма е што обемно се инјектираат средства за одржување на ликвидноста и за враќање на довербата на релацијата држава – финансиски сектор – реален сектор, а тоа се прави преку гарантните шеми за кредитирање на стопанството – изјави Влаховиќ за агенцијата „Танјуг“.
Со износот од две милијарди евра, банките ќе можат да пласирааат кредити за формите што се најпогодени, но тоа не значи истовремено и зголемување на вкупниот буџетски дефицит, затоа што станува збор за банкарски кредити, а за најголем дел од нив ќе гарантира државата Србија, објаснува тој.

Претседателот на Здружението на даночни советници Лазар Срданов како најзначајна мерка ја смета помошта за малите стопански субјекти за исплата на минималец, затоа што овие фирми се со најмали финансиски резерви и на репроматеријали.
– Ова е прв пакет мерки и се надевам нема да биде и единствен, затоа што е неизвесно колку ќе трае кризата. Неопходни ќе бидат и нови приспособувања – вели Срданов за РТВ.

Економските мерки на Владата на Србија даваат надеж дека домашната економија по кризата ќе се врати на нормалните текови, оценува претседателот на Сојузот на самостојните синдикати на Србија Љубисав Орбовиќ.
– Досега сме немале вака широки мерки, кои се насочени кон вработените, особено не кон малите и средните претпријатија. Дадена е можност да исплатат минимална плата во наредните три месеци и тоа ќе ги поттикне работодавците да ги вратат работниците, кои беа отпуштени претходните недели – вели Орбовиќ.
Со поинакво мислење за новите економски мерки на српската влада се некои од опозицискиот блок, односно од Сојузот за Србија од каде што забележуваат дека не се знае како ќе бидат спроведени неформалните ветувања на Владата, затоа што не е предвидена законска рамка по која би се реализирале овие мерки.

– Исплатата на минималецот од јуни, откако половина стопанство нема да го дочека. Одложување, а не отпишување на даноците и придонесите. Од најавените пет милијарди, претпријатијата нема да добијат на крајот ни 500 милиони евра. Економијата во меѓувреме ќе биде разорена, а луѓето масовно ќе останат без работа. Неопходни се итни мерки за спас на работните места и на фирмите – се наведува во соопштението од СзС.
Професорот на Економскиот факултет во Белград Милојко Арсиќ, смета дека државниот пакет за помош на граѓаните и стопанството е поштедар од многу други земји во Европа.

– Пакетот содржи некои добро фокусирани мерки: плаќање на минималната плата. Некои мерки се премногу штедри како на пример одложување на даночните обврски, кои ќе се створат во вториот квартал. Фискално одговорни мерки би биле одложување на даночните обврски само за оние сектори и фирми, кои имаат значително намалување на приходите во време на кризата – вели Арсиќ за „Бета“.
Вкупното зголемување на фискалниот дефицит поради привремените мерки ќе изнесува од шест до седум отсто од БДП, а поради неговиот пад до крајот на годината, јавниот долг ќе достигне 60 отсто од вкупното домашно производство на Србија, проценува професорот Арсиќ.


Прв пакет: Ослободување од фискалните давачки

Првиот сет мерки во најголем дел се однесува на одложување на достасаните даночни обврски, со подоцнежна исплата на 24 рати, најрано од почетокот на 2012 година. Се одложува плаќањето даноци и придонеси најмалку за три месеци. Се одложува плаќањето аконтации на добивка за вториот квартал и се ослободува плаќањето данок на добивка за донации. За оваа намена се издвоени 161 милијарда динари.


Втор пакет: Помош за приватните компании

Директна исплата на помош на паушалните претприемачи, микро, мали и средни фирми во износ од три минимални плати за секој вработен во овие стопански субјекти во наредните три месеци. Вработените во големите фирми што ќе добијат решение за отказ ќе добијат 50 отсто од минималната плата.


Трет пакет: Зачувување на работните места

За обезбедување ликвидност на домашните компании се одобрени 2,2 милијарди евра, кои ќе бидат следени со субвеционирани и евтини кредити преку фондот за развој. Оваа мерка нема да се применува за фирми што по почетокот на вонредната состојба отпуштиле повеќе од 10 отсто од своите вработени и за фирми што привремено го запреле работењето, пред 15 март 2020 година.


Четврти пакет: Подобрена ликвидност за граѓаните

Финансиска помош е предвидена и за занаетчиите и услужните работници (кројачи, фризери, таксисти…), или околу 900 илјади индивидуални претприемачи ќе добијат месечен минимален надомест. На граѓаните што немаат постојани приходи ќе им бидат исплатени три минимални плати, почнувајќи од први мај, или околу 90.000 динари за секој поединец. Како директна поддршка за граѓаните е предвидена исплата по 100 евра, но овие пари ќе ги добијат на сметка неколку недели по укинувањето на вонредната состојба.