Сегашното балансирање на Србија меѓу Истокот и Западот нема да може долго да потрае, изјави Вук Драшковиќ, кој со своето Српско движење за обнова е главен чинител на јавната и на политичката сцена во Србија.

Драшковиќ, кој е проевропски ориентиран и е заговорник на идејата за зачленување на Србија во НАТО, во разговор за „Глобус“, прави споредба со улогата на Јосип Броз Тито, кој зад себе ја имаше големата држава Југославија и вешто балансирал меѓу Варшавскиот пакт и НАТО. Неговата партија на секои избори ја поддржува политичката опција на актуелниот претседател на Србија Александар Вучиќ.

– Околностите му овозможуваа со срцето да биде во Кремљ, а со една рака во касата на Вашингтон. Но, светот денеска драматично се смени. Нема повеќе Југославија, нема ни Варшавски договор, го нема ни комунизмот во Кремљ. Верувам дека сме во пресрет на нова Јалта, така што НАТО и Русија ќе се договорат за тоа што ќе биде стратегиско подрачје. На Русите ќе им се признае нивниот стратегиски интерес за државите што беа членки на СССР, за кои во Москва се објаснува со терминот „домашно странство“.

За возврат, целиот Балкан, без црни дупки на себе ќе биде стратегиски регион за Западот, односно за НАТО – вели Драшковиќ.

За разидувањето со претседателот на Србија, Драшковиќ вели дека тоа се однесува околу членството во НАТО.

– Нашето членство во Европската Унија зависи од нашето членство во НАТО. Ако се влезе во погрешен воз, тогаш секоја попатна станица е погрешна. Проблемите во нашиот регион ќе се решаваат преку НАТО. Ние треба да избереме: или ќе бидеме на масата или на менито. Србија од сите страни е опколена со држави што се членки на ЕУ и на НАТО. Таа нема крила да прелета до Волга и до Сибир – објаснува Вук Драшковиќ.

За него полесно и помалку ризично е Србија да се сврти кон Западот, отколку што му беше на Тито во 1948 година кога му се спротивстави на Сталин.

– Во Москва е во тек борбата за стратегиска превласт меѓу галебите и јастребите. Галебите се за свртување на Русија кон Европа и кон сојуз со Америка, а јастребите за антизападна Русија. Главни протагонисти на јастребите се сталинистите и Руската православна црква – додава Вук Драшковиќ.