Косовската влада на вчерашната седница го усвои нацрт-законот за трансформација на Безбедносните сили на Косово (ФСК) во војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

На владината седница министерот за ФСК, Рустем Бериша, предложи измена на три закони, со кои безбедносните сили се стекнуваат со нови надлежности, а Министерството за ФСК прераснува во Министерство за одбрана.

Предлозите на Бериша, како и оној за трансформација на ФСК во војска, беа усвоени едногласно, со тоа што на седницата на Владата не присуствуваа министрите Срби.
Премиерот Рамуш Харадинај, како и другите косовски лидери, веќе неколку години најавуваат трансформација на ФСК во војска на Косово.

Меѓународниот фактор, иако не се спротивставува на оваа намера, сепак нагласува дека тоа може да се изведе единствено со промена на Уставот на Косово. За такво нешто, пак, потребно е двотретинско мнозинство, како и мнозинството на гласовите на пратениците Срби, кои, како и официјален Белград, се категорично против формирање косовска војска.

Со оглед дека нема никакви изгледи да ја реализира намерата со промена на Уставот, Харадинај најави дека формирањето на војска на Косово ќе го изведе постепено, со законски измени, но за ова ја нема поддршката на западните сојузници.