Хрватска ја подобрува заштитата на надворешните граници на ЕУ

Босна и Херцеговина

Соочени со нарушената безбедносна состојба поради присуството на мигрантите во населените места, Владата на Унско-санскиот кантон одржа вонредна седница на која е одлучено вишокот лица сместени во прифатните центри да се преселат на нова локација во Вучијак.

Мујо Коричиќ, комесар во полицијата на УСК, нагласи дека состојбата со мигрантите на подрачјето на Бихаќ и во Велика Кладуша не може повеќе да се толерира. Меѓу повеќето мерки е измена на куќниот ред во прифатните центри, како и воведување нов режим за движење на мигрантите надвор од центрите.
– Друга мерка која итно треба да се примени е да се зголеми бројот на полициски службеници – рече Коричиќ.

Премиерот на УСК, Мустафа Ружниќ, рече дека кантоналната влада нема да прогласи вонредна состојба, но дека ќе бидат преземени сите мерки со кои безбедноста би се држела на задоволително ниво. Ова значи и затворање на сите приватни објекти за сместување на мигрантите кои не ги исполнуваат сите услови. Од поштата на БиХ ќе се побара да се оневозможи исплата на пари на мигрантите на подрачјето на кантонот, а ќе се ограничи и превозот на мигрантите со железницата на БиХ, бидејќи на овој начин се загрозува и здравствената состојба на населението на Унско-санскиот кантон.
Министерството за внатрешни работи на Хрватска вчера информираше дека е поставена ограда на граничниот премин Маљевац, која е висока три метри. На премините Гејовац и Пашин поток се подготвуваат темелите за поставување на оградата.

– Оградата се поставува поради протоколите од Шенген кои се однесуваат за надзор на надворешните граници на ЕУ, во кои се предвидува техничко набљудување на граничните премини и непосредната околина, а граничните проверки треба да бидат осветлени – соопштија од хрватската полиција.