Со среќен крај завршил обидот на грчкиот доктор- гинеколог Јоанис Калогиру да ги спаси неговите синови и сестрата на неговата сопруга, што нашле засолниште во еден од хотелите во областа што гореше и покрај наредбата од пожарникарите дека е премногу ризично, пренесе дописничката на МИА од Грција.

– Кога од противпожарната служба ми рекоа не одете, ќе изгорите, не ги послушав и влегов во пожарот, насекаде гореа куќи, а лево и десно изгорени автомобили, но кога 7-годишниот син на телефон ми велеше, тато се гушам, реков одам, ако умре син ми, за мене животот нема да има никаква смисла. Можеби направив глупост, но успеав – раскажа гинекологот на неговиот Фејсбук профил и додава дека делот околу хотелот бил зафатен од пожарот, немало ниту струја, ниту вентилација, а чадот бил присутен и во внатрешноста.

Ги пронашол неговите најблиски, новородениот син и 7-годишниот, заедно со сестрата на неговата сопруга и ги извадил од огнените јазици.

Голем е бројот на трагични судбини кога цели семејства изгореле во пожарот, членови на едно исто семејство се спасиле, други загинале, но и семејства кои „направиле грешка и лоша проценка“ што ги напуштиле домовите, влегле во автомобилите за да побегнат, но ги зафатиле огнените јазици, додека пак домовите не претрпеле никаква шета, ниту биле зафатени од пожарот.