Република Српска ќе формира жандармерија што ќе ја гарантира безбедноста на граѓаните. Резервниот состав на полицијата би можел да биде корисен и ќе може да се ангажира во некои адхок-ситуации, како што е и мигрантската криза, изјави Милорад Додик, актуелен претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина.
– Се креира атмосфера дека Република Српска е место што се милитаризира, што не е точно. Јас сум за демилитаризација и за останување на некои полициски сили – изјави Додик од Источно Сараево.

Министерството за внатрешни работи на РС ја повлече одредбата од Законот за полиција, кој се однесува на формирање резервен состав на полицијата. Претходно меѓународната заедница остро ја критикуваше оваа иницијатива, по што од МВР направија корекции со преименување на единицата за поддршка во жандармерија.
Амбасадите на САД и Велика Британија во своите реакции отворено кажаа дека се против воведување нови вооружени компоненти што имаат облик на воени формации.
Додик смета дека од оружените сили на БиХ немаа никаква корист и го повтори ставот против отворање мигрантски центар на територијата на РС.

– Фронтекс нема да биде на границата со Хрватска ниту оружените сили на БиХ ќе бидат на границата со Србија – вели Додик.

Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, располага со документи на Разузнавачко-безбедносната агенција на БиХ, од кои може да се види дека агенцијата ставила под надзор повеќе медиуми во земјата и регионот, за да се оцрнуваат политичките противници од Република Српска, но и од Бошњаците и од Хрватите.

– Една од причините поради блокирањето на формирањето на Советот на министри е и задржување на контролата над ОБА БиХ – изјави Милорад Додик на вонредна конференција за медуимите, која се одржа во Источно Сараево.
Членот на Претседателството на БиХ од српската заедница вели дека оваа агенција е центар на моќта, кој е под контрола на Бакир Изетбеговиќ и е надвор од контролата на парламентот на ФБиХ.

Додик изрази подготвеност за формирање совет на министри без условување, за разлика од бошњачката страна, која инистира на продолжување на процесот на интеграција во НАТО.

– Ова е непотребно затоа што никој не може да го натера српскиот народ во оваа алијанса, а таквата политика води во распад на БиХ – вели Додик.