Дирекцијата за координација на полициските тела на Босна и Херцеговина го информирала претседателот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, дека ниедна друга полициска агенција, освен овластената дирекција за безбедност, не може да внесува оружје во зградата на Претседателството.

Ова известување доаѓа во време кога Додик за своја придружба ги користи услугите исклучиво на Министерството за внатрешни работи на Република Српска, на кои им е забрането носење оружје во зградата на Претседателството на БиХ.
Додик изминатите денови не отстапува од ставот да го чува полицијата на Република Српска, затоа што, како што рече, не сакал да биде „глинен гулаб“.

„Полициските службеници на Дирекцијата за координација на полициските тела на БиХ нема да дозволат влегување на припадниците на другите полициски агенции во зградата на Претседателството на БиХ“, стои во соопштението на директорот на дирекцијата Мирсад Вилиќ.

Тој го споменува и постојниот закон, каде што прецизно е дефиниранана надлежноста на Дирекцијата за организирање и спроведување на физичката и техничката заштита на лицата и објектите на органите на БиХ.

На истиот закон се повикува и министерот за внатрешни работи на Република Српска, Драган Лукач, и смета дека Додик има право да го придружуваат луѓето што претходно се грижеле за неговото обезбедување и да го следат во извршувањето на новата функција.

– Тој тоа и го бара и сака околу себе да има луѓе на кои може да им верува, а тоа се припадниците на МВР на РС – изјави Лукач.

Поранешниот претседател на РС, Милорад Додик, изјави дека додека е во Сараево, сака да го штити полицијата на РС.

– Не им верувам на некои заеднички единици. Нема тие да ме обезбедуваат. Ќе имаме соработка со Владата на РС, не ми треба обезбедување на ниво на БиХ. Зарем да дозволам да ме чува СИПА, која пред три месеци сакаше да ме уапси и да ја претресува мојата куќа – изјави тогаш Додик.