Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изјави дека ништо не може да го запре процесот на интеграција на Република Српска со Србија.
– Не смееме да бегаме од нашата интеграција со Србија. Другите нека се лутат колку сакаат. Ние имаме право на тоа – рече Додик, во говор што го одржа во Бања Лука по парадата по повод празникот Ден на РС, иако Уставниот суд на БиХ го укина овој празник и го прогласи за неуставен.

Со реакција на изјавата на Додик, се јави Жељко Комшиќ, претседавач на Претседателството на БиХ.
– Очигледно, државниот врв на Србија во континуитет не го почитува суверенитетот на БиХ, затоа што не ги почитуваат одлуките на највисоките судски инстанци во државата, односно на Уставниот суд на БиХ дека 9 јануари е неуставен. Поради добрососедските и пријателски односи, важно е за двете држави да ја почитуваат одлуката на судските инстанци – изјави Комшиќ.

Во говорот Додик ја опиша Република Српска како христијанска република што има своја република, тела на власт и народ што е близок во Србија. Тој најави дека народот еден ден ќе одлучи за осамостојување на сегашниот босански ентитет.
Претседателката на Владата на Србија, Брнабиќ, која во Бања Лука допатува заедно со министерите за одбрана, Александар Вулин и за надворешни работи, Небојша Стефановиќ најави дека Белград ќе продолжи да ја поддржува РС.

– Влегуваме во уште една нова ера на поддршка на народот во РС – рече Брнабиќ, која најави финансиска помош за Србите и во другите држави.
Според неа, Србија, која е матица на сите Срби, каде и да живеат, е синоним за мир, стабилност и безбедност.