Александар Вучиќ при потпишувањето на спогодбата во Белата куќа

Прелевањето на настаните од двете долготрајни проблематични светски точки – Балканот и Израел-Палестина, претставува реткост, особено во мирен ден, пишува „Економист“. Но на 4 септември, американскиот претседател Доналд Трамп му телефонираше на својот пријател, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за да му јави дека ги убедил лидерите на Србија и на Косово, кои некогаш беа дел од иста држава, а сега се смртни непријатели, да му дадат „топла прегратка“ на Израел. Косово и Израел меѓусебно ќе се признаа, кажал Трамп. А двете страни, занемарувајќи ја политиката на Европската Унија кон која се надеваат дека ќе пристапат, ќе го признаат Ерусалим за главен град на Израел.

Ова беше втор „дипломатски пуч“ за Трамп и Нетанјаху по неодамнешниот договор помеѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати кои се согласија да воспостават дипломатски односи. Косово ќе стане една од ретките земји со муслиманско мнозинство кои го признаваат Израел.

Останува нејасно како Трамп ги убедил двете балкански држави на такви чекори. Нивните лидери беа во Белата куќа да потпишат економски договор под покровителство на САД, со што ја нервираат ЕУ која засебно се обидува да ги убеди непријателите да се смират. Властите се надеваат дека економскиот договор ќе ги поттикне странските инвестиции во Србија и Косово, што можеби би довело до затоплување на односите.

Но договорот не е таков каков што се чини на прв поглед. Отворањето на амбасадите не е предвидено пред средината на идната година. Дотогаш Трамп можеби ќе ја напушти Белата куќа. А уште пред мастилото да се исуши на спогодбата, одредени извори од Србија велеа дека Србија нема да ја премести амбасадата ако Израел го признае Косово. Израел досега не сакаше да го стори тоа, за да не ги охрабри Палестинците. А српскиот претседател Александар Вучиќ изгледаше изненаден кога Трамп го најави преместувањето на амбасадите.

– Тука повеќе станува збор за американската политика отколку за Балканот или Средниот Исток. Трамп се соочува со заканувачка политичка средина и сакаше спектакл во надворешната политика, нешто што неговиот пријател Нетанјаху знае да го подготви – заклучува Далија Шајндлин, изралска експертка за Балканот.

Изборниот штаб на Трамп се надева дека последните дипломатски подвизи за Средниот Исток ќе ги импресионираат евангелистите и произраелските конзервативци во пресрет на американските претседателски избори во ноември.