Албанија и САД потпишаа нов договор за екстрадиција, со кој се заменува договорот потпишан во 1933 година од страна на тогашниот албански дипломат Фаик Коница.
Договорот вчера го потпишаа министерката за правда Етилда Ѓонај и американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким. Американската дипломатка рече дека по овој договор нема да има безбедно засолниште, ниту во САД ниту во Албанија, за бегалците што се обидуваат да избегаат од правдата.
– Овој договор е најновиот доказ за растечкото партнерство меѓу нашите земји. Овој договор го модернизира и заменува оној меѓу САД и Албанија што беше потпишан на 1 март 1933 година, кога Албанија беше кралство, а не република.

Овој договор за екстрадиција што го потпишуваме денеска обезбедува модерна рамка што ќе им овозможи на САД и на Албанија да се соочат со динамичните предизвици што ги носи меѓународниот криминал – рече Ким по потпишувањето на договорот.
Според неа, договорот обезбедува уште едно моќно оружје за ставање крај на неказнивоста на криминалците што се обидуваат да се засолнат зад границите.