Лајчак во Приштина ќе биде дочекан со домаќинска воздржаност

Не постои преголем оптимизам за резултатите од првите средби меѓу европскиот посредник во дијалогот за Косово и претставниците од преговарачките страни. Како нов момент се наметнува и однесувањето на Москва во продолжувањето на преговарачкиот процес

Специјалниот претставник на Европската Унија, Мирослав Лајчак, неделава ќе го посети регионот за да го подготви теренот за идните преговори меѓу Белград и Приштина. По долгата блокада на дијалогот меѓу двете страни, официјален Брисел се обидува да го преземе приматот во водењето на овој преговарачки процес што треба да заврши со конечно и компромисно решение за косовскиот спор. Не постои преголем оптимизам за резултатите од првите средби меѓу европскиот посредник во дијалогот за Косово со претставниците од преговарачките страни, затоа што постојат разлики во ставовите за кои точки да се разговара. Како нов момент се наметнува и однесувањето на Москва во продолжувањето на преговарачкиот процес, откако САД и Брисел презедоа поголема дипломатска офанзива за воспоставување трајни односи на Балканот. Иако досега ставот на Русија беше дека ќе се прифати секој предлог зад кој стои Србија, од Москва пристигнуваат нови сигнали, што може да влијае и на натамошниот тек на настаните. Вчера агенциите пренесоа дел од текстот објавен во „Правда“, во кој се посочува дека „во Србија се спроведува антируска кампања“, како и тоа дека „растечкото недоразбирање меѓу Белград и Москва е предизвикано од различни погледи за решавањето на проблемот на Косово“.

Претседателот на Канцеларијата за Косово и Метохија во Владата на Србија, Марко Ѓуриќ, во изјава за телевизијата Прва, рече дека е „важно со какви идеи и планови посредниците влегуваат во овој дијалог“

– Од Приштина пристигнаа најави, кои не оставаат доволно простор за оптимизам. Доколку некој мисли дека може да му наметнува решенија на Белград, тие времиња одамна поминаа – порача Ѓуриќ.

Јета Красниќи од Демократскиот институт на Косово смета дека поради недостигот од транспарентност на овој процес, но и недефинираната посредничка улога меѓу САД и ЕУ, не може да се предвиди текот на преговорите, пренесува „Косовоонлајн“.
Доника Емини од „Цивикос“ го гледа активирањето на Лајчак како обид на Европската Унија да го врати приматот во дијалогот. Во изминатиот период Косово и Србија своите дипломатски активности ги насочија кон придобивање на наклонетоста на САД. Косовскиот претседател Хашим Тачи отворено порача дека тие ќе бидат на преговарачката маса на која се и претставници од САД, додека српските медиуми пренесуваа ставови на носителите на надворешната политика, дека „американскиот пристап за Косово е поблизок за Белград“.

Откажувањето на посетата на претседателот Александар Вучиќ на Москва, што беше најавена за 17 и 18 јуни, е знак на натамошниот пад на довербата на Кремљ во српскиот лидер, пишува во текстот објавен вчера на сајтот на руската федерална агенција „Регнум“.

– Избирачкото тело во Србија е доминантно проруски насочено, а за сите што учествуваат на изборите е многу важно да добијат поддршка од Русија пред изборите. Најавената средба на двајцата претседатели во Москва нема да се случи. Наместо тоа на 18 јуни во посета на Србија ќе биде министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров – пренесува „Правда“.

За постоењето на „антируска кампања“, која се одвива со месеци, се наведуваат примери од текстови што се објавени во српските медиуми, а понекогаш и со „извртување“ на изјавите на рускиот амбасадор во Белград Александар Боцан-Харчек.
– Растечките недоразбирања меѓу Белград и Москва се предизвикани со различните погледи за решавањето на проблемот со Косово. Русија отворено е приврзана за зачувување на меѓународното право. Резолуцијата 1244, Уставот на Србија и почитување на волјата на мнозинството граѓани во Србија и истото тоа би требало да го прави и претседателот на Србија, но тој сѐ почесто демонстрира прагматизам, кој излегува надвор од така дефинираната рамка – пишува авторката на текстот Ана Смирнова.

Ова прашање внесува раздор во редовите на владејачката коалиција, а за тоа говорат и несогласувањата и противречните пораки на Вучиќ и на Ивица Дачиќ во врска со повлекувањето на кампањата за отпризнавање на Косово. Во овој судир се забележува дека Кремљ застанува на страната на министерот за надворешни работи, со што му се врти грбот на Вучиќ, затоа што е „незадоволен од односите на српскиот претседател кон официјална Русија“.

– Судејќи според однесувањето во пресрет на изборите, можеме да кажеме дека довербата на Путин во Вучиќ и натаму опаѓа. Москва сѐ помалку им верува на српските солзи – се заклучува во текстот на „Регнум“.

Порталот „Коха.нет“ објави дека Лајчак денеска би требало да ја посети Приштина, каде што ќе се сретне со високите претставници на Косово. Посетата на европскиот посредник е во време кога косовската политичка сцена е поделена. Кабинетот на претседателот на Косово не се изјасни дали Хашим Тачи ќе остане на својот став да не се сретне со Лајчак, сѐ додека ЕУ не ги укине визите за Косово. Аналитичарите се согласни со коментарите дека ваквата одлука на Тачи ќе му штети на преговарачкиот процес.

– Не сум информиран за содржината на дневниот ред за посетата на Мирослав Лајчак на Косово. Тој мора да разбере дека Косово е независно и суверено. Ако доаѓа со овој пристап, тој е добредојден. Секој друг пристап е негов неуспех на Косово и ЕУ – изјави вчера Тачи.