Портпаролката на Европска унија, Маја Коцијанчич изјави дека дијалогот помеѓу претседателот на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи ќе продолжи на почетокот од септември.

– На последниот состанок на дијалогот на високополитичко ниво, одржан на 18 јули, чиј домаќин беше високата претставничка, двајцата претседатели го разгледуваа постигнатиот напредок и се договорија повторно да се сретнат на почетокот од септември, посочи Коцијанчич.

Таа додаде дека на состанокот одржан на 24 јуни, Вучиќ и Тачи се договориле да ја интензивираат работата на договорот за сеопфатна нормализација на односите.

– Дијалогот со кој посредува ЕУ има за цел да ја промовира долгорочната соработка помеѓу двете страни, да помогне во напредокот на нивниот пат кон ЕУ, како и да го подобри животот на луѓето. Долгорочно решение подразбира одржливо реалистично решение засновано на меѓународното право, истакна Коцијанчич.

Таа додаде дека двете страни работат на дефинирање на заедничките позиции за меѓусебниот договор.