Шоуменот Слави Трифонов ги загуби бугарските избори на кои освои најголем број од гласовите, по четиринеделните неуспешни обиди да ги обедини потенцијалните сојузници во владејачко мнозинство, откако не успеа да ги придобие скептиците кои ја оспоруваа неговата решителност да се справи со корупцијата, пишува „Политико“.

Ова значи дека Бугарија се соочува со можноста за одржување на трети парламентарни избори уште од април.

Антиестаблишмент партијата на Трифонов „Има таков народ“ (ИТН) освои најголем број од гласовите на изборите одржани на 11 јули, односно вкупно 24 отсто, но дискутабилните избори на шоуменот за членови на владиниот кабинет само ги поттикнаа сомнежите за неговата агенда меѓу оние од кои бараше поддршка.

ИТН не успеа да ја придобие поддршката ниту од две релативно мали антикорупциски партии кои беа поврзувани со протестите кои се одржуваа минатото лето. Трифонов ги обвини овие партии за предавство откако и тие ги оспоруваа неговите намери за борба против корупцијата во Бугарија.

Трифонов се соочи со потешкотии на неколку часа по гласањето кога партијата ги објави кандидатите за владиниот кабинет, кои беа непартиски или со недоволно политичко искуство. Трифонов објави видеообраќање, без консултација со потенцијалните коалициски партнери, во кое го претстави предлогот за владин кабинет во рамки на неговиот пристап на „сѐ или ништо“. А се смета дека дополнително ги иритираше другите партии и со изјавата за испраќање на Бугари и Македонци во вселената, која предизвика потсмев во бугарската јавност.

– Не иницираа разговори со другите партии. А ниеден политичар нема да се согласи да поддржи владин кабинет за кој воопшто не се прашува – вели политичкиот аналитичар Даниел Смилов.

Трифонов потоа го повлече предлогот за нов владин кабинет, истакнувајќи дека тоа значи и одржување на нови избори.