Медиумите во Хрватска деновиве пишуваат и за сексистичкиот испад на градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, кој на прес-конференција изјави дека „кога би бил женско, тој би бил најдобра жена, затоа што на сите би им давал“

Семејствата со деца и лицата со хомосексуална ориентација се изложени на дискриминација при изнајмувањето станови за привремен престој и одмор. Последниот од низата примери за непочитување на човековите права е забележан во Задар, каде што сопственик на апартман одбил да прими хомосексуален пар од Бразил. Неговото објаснување било дека имал лошо искуство со таа „популација“ и за тоа добил и казнена пријава од полицијата за повреда на рамноправноста при изнајмување станови.

Повод за отворањето на темата за дискриминација по разни основи, од страна на медиумите во Хрватска, е последниот настап на градоначалникот на Загреб, кој искажа навредливи ставови во однос на жените. Весникот „Вечерњи лист“ објави свое истражување за тоа како се однесуваат газдите на становите за изнајмување и забележува дека во многу полоша состојба од хомосексуалците се семејствата со деца што бараат станови под кирија.

– Станува збор за дискриминација по основа на семеен статус, кој е еден од можните причини за дискриминирање на луѓето, покрај оние за расата, националната припадност и друго. Овие случаи се за личните слободи, а Уставот на Хрватска ги гарантира заштитата на политичките и лични права и слободното право на граѓаните врз основа на семејниот статус – вели Мато Палиќ, експерт по уставно право во Хрватска.

Во анкетата што ја спроведе „Вечерњи лист“ од десет изнајмувачи на станови за шестмина децата не биле причина за да им се изнајми станот, а другите навеле разни причини за да го одбијат семејството што барало стан под кирија. Една сопственичка на трисобен стан во Загреб веднаш одговорила дека просторот е наменет само за студенти. Таа не ни дозволила да се разгледа станот кога дознала дека изнајмувачот е со семејство.

– Во станот нема јака струја и не е соодветен за семејства со деца – кратко им одговорила таа на анкетарите од весникот. Во центарот на Загреб друга газдарица изјавила дека не примаат деца, затоа што имале проблем со постарата сосетка, која била чувствителна на секое движење. Поголемиот дел од огласите за изнајмување станови категорично се наменети само за студенти.

По јавувањето на таков оглас, новинарот од сопственикот добил одговор дека не може да прими семејство со деца, затоа што ќерката може секој ден да пристигне од Германија и ќе нема каде да ја смести. Медиумите во Хрватска деновиве пишуваат и за сексистичкиот испад на градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, кој на прес-конференција изјави дека „кога би бил женско, тој би бил најдобра жена, затоа што на сите би им давал“.

Таквата изјава предизвика остри реакции кај граѓаните, кои побараа од градоначалникот да се извини за искажаното.

– Мојот алтруизам во целиот живот е широк и голем. А тоа што тие не можат да се вклопат во ова, не е моја вина. Мојот алтруизам нема граници и не гледам ништо спорно во тоа – одговори Бандиќ. Правобранителката за рамноправност на половите го осуди ова навредливо и омаловажувачко коментирање на сметка на жените. Кристина Чачиќ, од здружението БАБЕ, вели дека Бандиќ вредноста на жените ја свел на нивната сексуална активност.

– Ова не е прва негова таква изјава, тоа е веќе одреден образец за однесување што останува несанкциониран – вели Чачиќ.

Однесувањето на загрепскиот градоначалник е неприфатливо и за стручњаците за комуникација. Габриела Кишичек честото такво однесување го смета за некултурно, агресивно и напаѓачки и смета дека го применува секогаш кога му се поставува прашања што нему не му одговара.