Министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ, по реакцијата од српските политичари за испраќање на црногорските војници на Косово, изјави дека тоа претставува исполнување на меѓународните обврски и дека тоа не претставува непријателски чин кон Србија.
– Нема ништо непријателско, Црна Гора е посветена на исполнување на своите меѓународни обврски и придонесува за стабилноста во регионот. Тоа е единствена цел на нашето ангажирање – изјави Дармановиќ.

Српскиот министер за одбрана Александар Вулин изјави дека испраќањето двајца црногорски офицери во Косово без консултација со Србија е непријателски чин.
Според него, двајцата офицери на војската на Црна Гора доаѓаат во мисија на КФОР „за да ја поддржат косовската независност, а не да ги заштитат Србите“.
– Основен ред е Србија да се консултира по ова прашање, да се покаже почитување кон Србија, со која мора да живеете. Кога сте соседи, логично е да водите сметка за интересите на оној што живее покрај вас, а тоа го нема кога испраќате свои офицери не прашувајќи ја Србија и кога свесно ја газите неутралноста на КФОР, говорејќи дека Косово е држава – изјави Вулин.