Најавите за дестабилизација се подготвување терен за акциите на косовската полиција, посочуваат од српската страна

Дипломатските служби на Велика Британија, САД и на Германија испратија предупредување до своите граѓани да не патуваат во српските општини на Косово

Британската амбасада во Приштина испрати објаснување до јавноста дека не издала предупредување до своите граѓани да не патуваат на територијата на цело Косово, туку тоа се однесувало само за северниот дел. Ова предупредување е поради „големиот број насилни инциденти поврзани со организираниот криминал и постојаниот ризик од овие структури“. Српските медиуми остро ја осудија информацијата на Форин офис, од 25 март, во која се посочува британските државјани да не патуваат во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, како ни во северниот дел на Косовска Митровица, освен ако немаат неопходна потреба. Образложение за ваквата препорака се постојаните протести во овие општини, кои имаат потенцијал да станат насилни. Како место со највисок ризик е наведен мостот што ја дели Митровица на албански и српски дел.

Слични соопштенија до своите државјани испрати и Стејт департментот, како и германската влада. Британското и американското предупредување, како што пишува белградска „Политика“, се совпаѓаат со времето на одржување на заедничките вежби на специјалните полициски сили на Македонија, Албанија и Косово, кои се одржуваат во скопската касарна „Ѓорче Петров“. Од американската влада соопштија дека политички мотивирано насилство се јавува низ Косово, додека терористите можат да нападнат без предупредување, а нивните цели се туристичките локации, транспортните центри, пазарите, објектите на локалната самоуправа, клубовите, рестораните, верските објекти и спортските и културните настани.

Од српските државни институции и од медиумите следуваа голем број негативни реакции на ваквите предупредувања испратени од Велика Британија, САД и од Германија. Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека тие може да се однесуваат на можноста за настанување на поголеми инциденти на територијата што не се поврзани со криминал.

– Не е исклучено овие инциденти да ги предизвикаат лица со помрачен разум што би се обиделе воено да го освојат северот на Косово. Овие предупредувања некогаш се поврзани со криминализацијата на Србите, која ја спроведува Приштина, затоа што постојано се вели дека на северот на КиМ се наоѓа една криминална структура што предизвикува дестабилизација. Додека, пак, во Приштина има една криминална власт, која обвинува дека северот на Косово е седиште на криминалот – изјави Дачиќ.

Претседателот на собранискиот одбор за Косово и Метохија, Милован Дрецун, смета дека предупредувањето на британската амбасада во Приштина претставува политичка порака и обид состојбата на северот на КиМ да се прикаже во негативно светло и да се оправдаат можните акции на косовските власти во овој дел, вклучувајќи и насилни акции.

– Објаснувањето на британската амбасада е недоволно јасно и уверливо, за што се поставува прашањето дали одредени служби имаат информации дека се подготвува дестабилизација во наредниот период. Тоа треба навреме да ни го соопштат, бидејќи секоја дестабилизација претставува закана за опстанокот на српскиот народ на КиМ – вели Дрецун.

Историчарот Немања Старовиќ забележува дека предупредувањата од странските амбасади стриктно се однесуваат за неколку српски општини, што упатува дека постои напнатост на овој дел од Косово.

– Преговарачкиот процес е прекинат пет месеци, со што е изгубена мировната дивиденда што постоеше претходните осум години. Во вакви околности, ваквите соопштенија навистина дејствуваат загрижувачки и може да претставуваат лош знак дека навистина се подготвува некој едностран чекор од Приштина – вели Старовиќ за „Политика“.

Овие предупредувања, според него, се дел од наративот што се создава од некои актери во меѓународната заедница, а тоа е дека просторот на северот на Косово претставува некаква криминална оаза, односно криминална енклава, што е далеку од вистината.