Министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, го повикала амбасадорот на Турција во Софија на разговор по повод изјавата на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој „изразил загриженост дека амандманите во бугарскиот закон за верски прашања се насочени против муслиманската заедница“.

Во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи се истакнува дека Бугарија не може да прифати интервенција на странска држава во законодавниот процес и дека изјавите на министерот Чавушоглу, кои се дадени пред локалните избори во Турција, не се од корист за никого. Од ВМРО побараа од министерката Захариева да објасни во расправа во бугарскиот парламент за тоа дали бугарската политика е заштитена од надворешните мешања.

Од Канцеларијата на главниот муфтија во Бугарија изјавија дека за забелешките и загриженоста што ги искажал турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, дознале од медиумите, пренесе „Дневник“.

Завчера со гласовите на пратениците на ГЕРБ и ДПС беа усвоени амандманите на Законот за верски прашања, со кој се овозможува одложување на исплаќањето на јавните долгови на верските заедници за 10 години. Основен должник е главното муфтиство, кое има обврски од над осум милиони лева. Причина за промената е неможноста муфтиството да ги користи средствата од државниот буџет, додека има нерасчистени долгови.

На крајот на минатата година во обид да го затегнат условите за финансирање на верските заедници во Бугарија, пратениците усвоија измени со кои планираа појасно буџетско финансирање на основните вери, но и рестрикции за донациите од странство. На крајот остана и можноста странски донатори да дадат средства за верските заедници, но под одредени правила и услови што да се плаќа со нив.
Канцеларијата на муфтија во Бугарија секоја година добива повеќе од два милиони лева од Турција.