Ричард Гренел

Доналд Трамп вчера истакна дека неговиот „пратеник-амбасадор“ Ричард Гренел ја посетил српско-косовската граница во обид да промовира мир помеѓу двете спротивставени страни, во своевидната дипломатска мисија во име на поранешниот американски претседател, пренесува „Форбс“. Трамп посочи дека посетата на Гренел на Балканот била со цел за промовирање на договорот за економска нормализација помеѓу Србија и Косово потпишан во Вашингтон минатата година.

– Големите народи на Србија и Косово надминаа огромни пречки во нивната потрага по економска нормализација. Договорите со посредништво на мојата администрација се историски и не треба да бидат отфрлени. Многу животи се во прашање. Денес, мојот пратеник амбасадор Рич Гренел ја посети косовско-српската граница за да го потенцира овој важен договор. Исто како што докажавме со договорите на Средниот Исток, мирот и економската нормализација се можни, но потребни се искрени напори и цврсто лидерство. Мирот е возможен, не се откажувајте – долгорочниот просперитет за овие две нации е во прашање – се вели во соопштението на Трамп.

Гренел извршуваше повеќе дипломатски функции во администрацијата на Трамп, вклучувајќи ја амбасадорската во Германија од 2018 до 2020 година, а потоа беше специјален претставник за преговорите помеѓу Србија и Косово од 2019 година до крајот на мандатот на Трамп. Гренел беше именуван и за в.д. директор на националното разузнавање во февруари 2020 година.

Во изминатите недели имаше тензии помеѓу Србија и Косово откако косовската полиција имаше судири со тамошните Срби по обидот за засилување на безбедноста на северот.