Бугарија

Голема маса луѓе се собра вчера пред почетокот на протестот под мотото „Големо народно востание“, на првиот ден од работата на бугарското народно собрание по летната пауза. Набргу протестот ескалира и демонстрантите фрлаа со јајца и јаболка кон полицајците, кои го штитат бугарскиот парламент. Како засилување на бугарската полиција беа испратени и припадници од војската, пренесуваат бугарските медиуми. Според нив, ескалацијата започнала кога демонстрантите употребиле сила против полициските возила.
Просторот познат како „триаголник на власта“ во центарот на Софија беше блокиран од силни полициски сили, а демонстрантите ги туркале возилата на полицијата и фрлале со јаболка и јајца врз полицајците обидувајќи се да се доближат до главниот влез на парламентот.

Незадоволните граѓани во Софија веќе 56 дена протестираат и бараат оставка од владата на премиерот Бојко Борисов и од главниот обвинител Иван Гешев.
Вчерашната седницата на Собранието почна со обраќањето на бугарскиот претседател Румен Радев, кој ги повикал пратениците да ги следат волјата и барањата на Бугарите за итна и безусловна оставка на кабинетот.
Полицијата е на сите булевари што водат кон зградата на бугарскиот парламент, каде што се одржува седница. Има информации и за повредени лица.