Амбасадорот на САД во Косово Грег Делави оцени дека оставката на обвинителот од Специјалното обвинителство Елез Бљакај претставува тажен ден за правдата во Косово.

Делави на Твитер напиша дека е загрижувачко тоа што еден обивнител поднесува оставка затоа што бил изложен на закани и бил незаштитен.

– Тажен ден за владеењето на правото во Косово кога еден обвинител чувствува дека треба да поднесе оставка поради закани и недостаток на поддршка. Посебно загрижува тоа што тој работел на случај на масовни измами со пензии – напиша американскиот амбасадор.

Канцеларијата на државниот обвинител на Косово Александар Љумези исто така се огласи со соопштение, во кое вели дека официјално никогаш немало информација за закани врз специјалниот обвинител.

– Официјално, до денес ние ја добивме само неговата оставка, која ја испратил до главниот обвинител на Специјалното обвинителство. Решат Милака – се вели во соопштението на Државното обвинителство на Косово.

Од канцеларијата на Љумези информираат дека полицијата покренала истрага по наводите на Бљакај за злоупотерби во листите на ветераните на Ослободителната војска на Косово, но дека нема никакви информации за притисоци или закани врз него во врска со оваа истрага.

Бљакај за оставката го информирал главниот обвинител на Специјалното обвинителство од САД, каде што отпатувал пред неколку дена.

Како што јавија косовските медиуми, тој истражувал и поднел обвиненија за неколку случаи поврзани со тероризам и учество на косовски граѓани во војните во Ирак и Сирија, а неодамна започнал истрага и за злоупотреби со листите на воени ветерани.

Бљакај оставката ја поднел пред два дена, на 13. август, а косовските медиуми ја објавија информацијата денеска.