Со усвојувањето на декларацијата за целосна интеграција на регионот во ЕУ заврши и едногодишното претседавање на Босна и Херцеговина со СЕЕЦП.

Декларацијата ја нагласи потребата од одржување стимуланси за проширување и континуирана заложба за реформи и зајакнување на регионалната соработка и да се обезбеди развој на добрососедските односи, пренесоа медиуми од регионот.

Според претседавачот на претседателството на БиХ, Милорад Додик, самитот бил многу успешен.

– Имавме голема дискусија за важни прашања на целокупната регионална соработка и усвоивме декларација за процесот на европска интеграција, безбедност, економски развој, миграцијата, дигитализација и што во иднина може да биде предмет на соработка – рече Додик.

Усвојувањето на декларацијата го затвори едногодишното претседателство на БиХ со оваа иницијатива, формирана пред 23 години. Следната година СЕЕЦП ќе претседава со Косово.