Состојбата на опозициската страна на политичкиот спектар во Србија во најмала рака е необична и тоа е тешко да се негира. На пример, политичарот што е најуспешен во изборното одмерување со Александар Вучиќ досега бил Саша Јанковиќ. Тој во крајно нерамноправни услови, на последните избори во Србија, освои над шеснаесет отсто од гласовите на граѓаните. Ако мислите дека тоа значи дека Јанковиќ е лидер на опозицијата, не сте во право. Јанковиќ го нема никаде, даде оставка од местото претседател на Движењето на слободни граѓани, а потоа и излезе од членството и сосема се повлече од политичкиот и јавниот живот, пишува Теофил Панчиќ, колумнист во неделникот „Време“ и политички коментатор на Радио Слободна Европа.

Претседателско место на Движењето на слободни граѓани од Саша Јанковиќ го наследи Сергеј Трифуновиќ, многу талентиран и популарен глумец и елоквентна личност. Меѓутоа, наскоро треба да се види како неговиот неконвенционален јазик или стил, во поширока смисла и дрзок политички настап ќе се резонира во јавноста.

Од него се очекува обновување на оваа изумрена партија, која е на пат за целосно згаснување, или тој неповратно ќе ја погребе, пишува Панчиќ во својата анализа за РСЕ, во која ја поставува тезата дали опозицијата во Србија може да биде имуна на внатрешна ентропија, ако во земјата со формално демократско уредување на дело е по малку бизарен личен режим, и кога власта во таа земја е форматирана надвор од стандардите што се вообичаени за демократското општество

Засега се знае дека Трифуновиќ нема намера да го води ДСГ кон членство во Сојузот за Србија , која денеска се смета за водечка опозициска коалиција. Но и во СЗС не недостига бизарност, тргнувајќи од самиот факт што денеска се случува впечатлив бран на протести на улиците во градовите низ Србија. Овие протести тргнаа со протестниот собир „Стоп на крвавите кошули“ со директна организација на СЗС, а потоа таа им ги препушти водењето и организацијата на следните протести на „незадоволните граѓани“.

Самиот Сојуз за Србија собра повеќе партии и организации, но од необјасниви причини во него доминираат партиите од десниот центар, како што е онаа предводена од Вук Јеремиќ, некогашен министер за надворешни работи во владата на Борис Тадиќ, но и од тврдокорната десница како што е Двери, која произлезе од некогаш екстремно десната студентска организација. Така, додека граѓаните се презаситени од авторитарната власт на Вучиќ и желни за „европските демократски вредности и стандарди“ маршираат против режимот, лидерот на Двери задоволно се фали како во триесетте точки од програмата на СЗС воопшто не се споменува Европската Унија. Но затоа ја критикуваат власта дека е премногу кооперативна во врска со Косово, забележува Теофил Панчиќ.

Контрадикторно, па и бизарно? Но тоа не може да се спореди со фактот дека еден од членовите на СЗС е и Драган Ѓилас, поранешен градоначалник на Белград и поранешен претседател на Демократската партија. Значи Ѓилас како поединец е тука фактор сам за себе со овие партии, затоа што тој сѐ уште нема своја партија, но е премногу значаен за да биде заобиколен. Иако неговата „важност“ низ бројки и проценти, која се докажува на избори, е многу помала од онаа на Саша Јанковиќ, односно од оној што веќе го нема.

Кога веќе се споменува Демократската партија, не е по малку бизарно, што оваа партија неодамна пристапи кон СЗС, чиј идентитет до неодамна како водечка партија во земјата и носечки столб на демократските вредности и проекти сосема е растопен, без трага и спомени.

Никаде во тој маглив меѓупростор меѓу СЗС и исчезнувањето од сцената не вегетираат и никогаш вистински не заживеаја партиите на некогаш важните политичари како Борис Тадиќ и Зоран Живковиќ, или бизарните проекти што брзо го поминаа патот од високиот раст до целосно паѓање, како што е движењето „Доста беше“. Тука некаде од левата страна, својата можност ја чекаат и граѓанските иницијативи и движења како „Не давимо Београд“, кое во еден момент изгледаше како иден стожер на граѓанскиот политички отпор, но се чини дека е пропуштен моментот, го изгубија залетот и полека се движат кон ирелевантност.

На крајот, тука е и опозицијата, која фактички и не е, бидејќи кон другите опозициски партии е мошне жестока, а кон режимот и неговиот прв човек е блага и полна со разбирање. Можеби има нешто бизарно и во тоа во оваа групација да се препознаат идеолошките антиподи, на една страна Српската радикална партија на Шешељ, на другата ЛДП со Чедомир Јовановиќ и Лигата на социјалдемократите на Војводина. Нивната политичка иднина е крајно неизвесна, доколку не се уфрлат на некоја „споредна“ режимска листа. Бидејќи е нејасно на каков профил на потенцијални гласачи сметаат, односно кој во иднина би гласал за нив. Тогаш не ли е логично да се гласа директно за Вучиќ?

Погледот на сите бизарности собрани на куп не влеваат многу доверба, а камоли и надеж. Но оваа приказна има и друга страна. Сето ова е безопасна и детска игра во споредба со тоа што може да се најде и да се види на другата страна, односно режимската страна. И овде не недостигаат бизарности, но неспоредливо помрачни, поморбидни и на крајот и поштетни, смета Теофил Панчиќ.

Затоа, и граѓаните во Србија шетаат и нема толку брзо да престанат да шетаат, затоа се побуни академската елита во земјата, затоа има сѐ повеќе луѓе на кои самопочитувањето повеќе не им дозволува да молчат и да трпат живот во земја скроена и прекроена според замислата на вонуставниот владар. Граѓаните се бунат некогаш и некаде со опозицијата, понекогаш и наспроти неа. Доколку останат незадоволни од неа, граѓаните би можеле да родат и некоја нова, друга опозиција, пишува меѓу другото Теофил Панчиќ, во својата колумна за Радио Слободна Европа.