Во Европската Унија, Хрватска и Бугарија се најзависни од приливите на иселениците, а оваа слика е карактеристична и за другите земји во Западен Балкан, каде што личните трансфери од странство не можат да се користат како генератор на локалниот економски развој. Економистите предупредуваат дека сѐ повеќе се намалуваат позитивните ефекти од девизните дознаки

Финансиските приливи од иселениците во земјите од Западен Балкан и ефектите од нив

Девизните дознаки на иселениците во матичните земји годинава ќе забележат силен раст од 7,3 отсто и ќе достигнат износ од 589 милијарди долари. Во периодот по почетокот на пандемијата на ковид-19, растот изнесуваше скромни 1,9 отсто. Девизните дознаки од иселениците ги дополнија испразнетите буџети на државите, кои мораа да ја зголемуваат парична помош за семејствата што западнаа во финансиски проблеми поради губењето на работните места, предизвикани од ковид-кризата, пишува во најновиот извештај на Светската банка за миграција и развој.
Податоците на Еуростат за 2019 година покажуваат дека од земјите во Европската Унија од меѓународните дознаки најмногу зависи Хрватска, кои се проценети на ниво од 6,6 отсто, а следуваат Бугарија со 3,4 отсто и Летонија и Романија со 3,3 отсто од БДП. Земјите од Југоисточна Европа се позависни од иселеничките дознаки. Во Косово тие учествуваат со 16,7 отсто во БДП, Црна Гора 11,4 отсто, во Албанија 9,5 отсто, во БиХ 9,2 отсто, во Србија 7,3 отсто и Македонија со 2,5 отсто,

Лани благ пад кај нас, годинава „дознаките“ се стабилизираа

Во просек, во изминатите пет-шест години вкупните приватни трансфери во земјава изнесуваа 15 отсто од БДП. Очекувањата на Народната банка на Македонија се дека по падот на дознаките преку личните и банкарските трансфери, поради корона-кризата, за 2020 година тој процент да се намали за 2,8 отсто. Но по првичниот пад од појавата на епидемијата, прометот и откупот по основа на девизни приватни дознаки од странство годинава е повторно стабилизиран.
– Според нашите процени што се прават според методологија усогласена со ММФ, износот на овие дознаки, од 2009 година наваму, надминува една милијарда евра годишно, односно изнесува околу 16 отсто од БДП, во просек – изјави Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка.

Хрватска добива речиси четири милијарди долари годишно

Процените на Светската банка за Хрватска се дека девизните дознаки годинава ќе изнесуваат три милијарди и 950 милиони долари, што е речиси на исто ниво како минатата година, кога изнесуваа 3,976 милијарди. Хрватска постигна рекорден девизен прилив од иселениците во 2019 година, кој изнесуваше 4,033 милијарди долари. Споредено со учеството во БДП, тој изнесува 6,2 отсто и е највисок меѓу земјите во Европската Унија. Последните податоци на Хрватската народна банка покажуваат дека личните трансфери меѓу физичките лица во првата половина годинава изнесуваат 784 милиони евра, Во пошироката дефиниција на дознаките се опфатени личните трансфери, но и платени придонеси, пензии од странство, премии за осигурување, исплата на штета, користење средства од фондови на ЕУ и други тековни трансфери, и овој прилив изнесува 1,745 милијарда евра. Ова е за 13,5 отсто повеќе од истиот период од 2020 година.

Во Србија се осум проценти од БДП

Важноста на дознаките од иселениците во Србија е голема, најмалку 14 отсто од граѓаните на Србија имаат живеалиште надвор од земјата. Дознаките учествуваат меѓу 7,9 и 8,8 отсто од БДП.
– Србија е во подобра позиција од другите земји на Западен Балкан, кои имаат поголем процент на иселени лица, но не добиваат повеќе дознаки однадвор. Тоа се околу четири-пет милијарди евра годишно. Оваа сума има големо значење за економската стабилност на земјата. Но дознаките имаат и негативни ефекти. На пример, дополнителниот девизен прилив ѝ овозможува на државата да ги намалува социјалните трансфери кон граѓаните. Тие што емигрирале им плаќаат на нивните семејства, што би требало да го добијат од државата, на пример преку здравствено осигурување. Во некои земји овој прилив се користи за зголемување на државниот апарат, за развој на клиентелизмот или за други непродуктивни потреби – вели Михаил Аранаренко, професор на Економскиот факултет во Белград.
Тој во разговор за „Дојче веле“ посочува и на политичкото влијание на економската емиграција, во смисла дека заминуваат незадоволните лица од власта, најчесто и млади и невработени лица, кои потоа испраќаат пари во татковината. Овој концепт почна да се развива од 2014 година и тој важи за целиот Западен Балкан, кога стапките на невработеност во земјите беа високи од над 30 отсто.

Во Босна влегуваат 2,5 милијарди евра годишно

Паричните дознаки и други лични трансфери од емигрантите од Босна и Херцеговина учествуваат со околу осум отсто од БДП, што ја става земјата на врвот на скалата на земји во Европа. Ако се додадат и другите приходи што пристигнуваат од странство, како што се пензиите и повремени приходи на вработените што постојано живеат во БИХ, а работаат преку интернет, на пример, нивното учество надминува 14 отсто, што изнесува околу 2,5 милијарди евра годишно, утврди едно истражување на Вестминстерската фондација за демократија во соработка со британската амбасада во Сараево. Вклученоста на дознаките во вкупниот БДП, се наведува во истражувањето, покажува и колку е низок БДП на земјата, односно дека економијата не е развиена и дека во БИХ нема доволно економска активност.
Во БиХ во моментов живеат околу 2,7 милиони жители, според пописот од 2017 година, а најмалку два милиони луѓе живеат во странство, што е речиси 56 отсто од популацијата, што според податоците ја имала земјата во пописот од 2013 година. Најмногу економски емигранти има во Европа или 90 отсто (1,65 милиони), од нив над 50 отсто се иселиле во Германија.
Не постојат прецизни податоци за средствата што неформално влегуваат во земјата, а се смета дека неформалниот прилив на девизни дознаки ги надминува директните странски инвестиции. За споредба, странските инвестиции се околу 400 милиони евра годишно, а девизните дознаки и другите лични примања од странство изнесуваат околу 2,5 милијарди.
Според направените студии, секое петто домаќинство во БиХ е примател на девизни дознаки, кои се околу една третина од вкупниот месечен буџет. Девизите најмногу се трошат за лична потрошувачка и подигнување на животниот стандард, за купување храна, облека и козметика, пишува Радио Слободна Европа.

Генератор на локалниот економски развој

Оваа слика е карактеристична и за другите земји во Западен Балкан, каде што личните трансфери од странство не можат да се користат како генератор на локалниот економски развој. Економистите предупредуваат дека сѐ повеќе се намалуваат позитивните ефекти од девизните дознаки, кои со текот на годините имаат тенденција на опаѓање. Врските меѓу иселениците и матичните земји сѐ повеќе слабеат, поради трендот на масовно иселување на цели фамилии.
На светско ниво, девизните дознаки две години по ред (без Кина) ќе го надминат износот на директните странски инвестиции и меѓународната развојна помош. Силен раст има во сите светски региони од 21,6 отсто во Латинска Америка, до 5,3 отсто во Европа и средна Азија. Следната година се предвидува раст од 2,6 отсто годишно, но потенцијалните ризици се разгорување на епидемијата на коронавирусот и ограничувањето на движењето и патувањата на луѓето. Можно е и укинување на државните субвенции, како и на мерките за зачувување на работните места, кои беа и значителен извор на девизните дознаки.


Што влегува во т.н. девизни дознаки

Девизните дознаки, според Светската банка, ги опфаќаат личните трансфери (меѓу поединците) и надоместот на вработените, а во кои се вклучени и приходите на пограничните, сезонските и на другите работници ангажирани на кратко време. Покрај личните трансфери, во дознаки влегуваат и платени придонеси и даноци, пензии од странство, премии за осигурување, исплати на штети, користење средства од фондовите на ЕУ и други тековни трансфери. Во класична смисла, под девизни дознаки се подразбира сумата што печалбарите им ја испраќаат на своите семејства. Но статистички гледано овој износ е поголем, поради неформалниот трансфер на готовина што се пренесува преку граница и сумата на заштедите во странство што се вложува во недвижности во своите земји. Тука се и приходите на „домашните“ печалбари, кои работат за странски фирми, а на кои платите им стигнуваат на сметки во други држави.