Хрватската полиција утринава пронајде деветмина мигранти во дрвен сандак во возило на автопат. Странските државјани биле пронајдени при контрола на товарно возило со полски регистарски таблички. Сандакот бил затворен со шрафови, а од него се слушале вознемирени гласови, пренесува „Индекс.хр“.

Во сандакот биле пронајдени тројца мажи, две жени и четворица малолетници. На лицата веднаш им била укажана медицинска помош.

Подоцна било утврдено дека сите нелегално ја преминале државната граница. Седумчлено семејство од Иран изразило намера за поднесување барање за меѓународна заштита, додека двајца државјани на Ирак ја одбиле оваа можност и се сместени во Транзитно-прифатниот центар за странци во Товарник до завршување на постапката за реадмисија односно постапката за нивно враќање во земјата од која потекнуваат.

Возачот на возилото, 21-годишен државјанин на Украина, е уапсен под сомнение за незаконски влез, движење и престој во Република Хрватска.