Повеќето од младите во Република Српска стануваат членови на некоја партија и во средните училишта

Повеќе од 60 отсто од студентите на јавните универзитети во Република Српска се политички активни, додека повеќе од половината од нив се членови на една политичка партија. Студентите својата иднина ја пронаоѓаат во политиката, покажало истражувањето што било спроведено од Факултетот за политички науки во Бања Лука.

Последните години има сѐ повеќе млади во политичкиот живот на РС, но сѐ уште тие се помалку застапени на важните функции во партиите и во државните институции. Како прчина за политичкото ангажирање студентите ги наведуваат идеалите и личниот интерес. Експертите сметаат дека вредносниот систем на младите е превртен, а мнозинството од младите се одлучиле да го следат општиот тренд.

Политичкиот аналитичар Марко Шука вели дека истражувањето е сосема реално на состојбите, и посочува дека треба да се разговара за причините.
– Поголемиот број од младите стануваат членови на некоја партија и во средните училишта, а тие стануваат активисти и преку избирачкото право. Некои го прават тоа поради родителите, пријателите, а некои за патувањата што ги организираат некои партии со што се регрутираат нови членови – велу Шука.

Студентите на факултетите веќе доаѓаат како припадници на некоја политичка групација. На младите во РС им преостанува да избираат една од двете опции да заминат од земјата или да се зачленат во партија.
– Тие се свесни дека тешко можат да најдат работа. Неодмана поранешниот претседател на РС Милорад Додик изјави дека може некој да биде најдобар, но дека тешко може да успее доколку не се најде во системот на власта. Каква порака му испраќа некому што има 15 или 16 години – вели Шука.

Проблемот со младите е што за сѐ во животот пристапуваат политички. За политиката разговараат сите, лекари, стоматолози, студенти на техничките науки… Ваквата состојба не е само во Република Српска, туку и во цела Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и во Хрватска, објаснува тој.
Младите во РС се поделени во табори. Политичката поделеност се одразува и во нивниот секојдневен живот, а не одат на исти места. Пријателствата со лица од спротивниот табор се смета за предавство и понизност кон некој локален моќник.