Фото: Илустрација

Владата на Хрватска настојува да ги избегне милитаризацијата и заострувањето на состојбата на границата кон Босна и Херцеговина, на која се заглавени неколку стотици мигранти

Граничниот премин Маљевац кај Велика Кладуша меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина е затворен една седмица. Хрватската полиција го затвори поради двестете мигранти што кампуваат до граничната линија барајќи слободен премин низ Хрватска. Во Велика Кладуша беа организирани и протести на претприемачите и трговците. Протести поради присуството на мигрантите беа одржани и во Бихаќ, а жителите организираа и „потери“ на автобуските станици и во возовите, за да ги пронајдат несаканите гости. Хрватските купувачи во текот на викендите масовно доаѓаа на шопинг во БиХ, поради поевтиниот бензин, цигари, храна, домашни производи, автомобилски гуми…

Балканската мигрантска маршрута преку БиХ се активира од неодамна, а Хрватска се придржува до договорот со Европската Унија и не ги пропушта мигрантите низ својата територија. Се проценува дека низ оваа земја поминале повеќе од осум илјади луѓе. Одреден број поминале преку каналите за шверцување. Владата на Андреј Пленковиќ цврсто застана зад европската мигрантска политика, која е промовирана од Германија и од Франција. Оваа политика во последните години луташе, во однос на мерките што требаше да бидат преземени за спречување на приливот на доселеници, пишува во анализата на Радио Слободна Европа.

Од договорените мерки прво излезе Унгарија, а потоа и другите земји. Тоа создаде хаос што на крајот се рефлектира и на политичката конфигурација на самата Унија.
Антимигрантските партии и движења профитираа од хаосот со бегалскиот бран. Германија ја крена рачната кочница, Ангела Меркел сериозно е разнишана, и се врати на почетокот на изворот на реката мигранти, кон земјите на судири и немири. Станува збор за војните за кои Западот не е сосема невин. Сега германската канцеларка и францускиот претседател практично ѝ ја испорачаа Сирија на Русија, а сѐ со желба да го отфрлат притисокот од себе.

Во таквата состојба однесувањето на Хрватска е рационално. Наоѓајќи се на мигрантската маршрута, и земајќи го предвид фактот дека има илјада километри граница со БиХ, не ѝ преостана ништо туку да ги следи преземените обврски од ЕУ и да ги затвори границите за мигрантите. Дополнителна околност е хрватската апликација за шенгенскиот режим. Засега, Владата на Хрватска настојува да ги избегне милитаризацијата и заострувањето на состојбата на границата. Премиерот и министерот за внатрешни работи повторуваат дека состојбата е под контрола, а полицијата е подготвена да ја чува границата со БиХ. Меѓутоа, досега во 2018 година во Хрватска смртно настрадаа десет мигранти, а за полицијата тие загинале во „несреќни околности“.

Невладините организации предупредуваат за засилено полициско насилство кон мигрантите, како и за грабежи и малтретирање. Од хрватската полиција го негираат тоа и своите постапки ги објаснуваат како неопходни и оправдани. Народниот правобранител предупреди на отсуство на полициски извештаи за спроведените истраги и за несоработка. Со слични забелешки излегоа и други невладини организации.

Од друга страна, засилената хрватска десница, поддржана од медиумите, се залага за уште порестриктивни мерки. Невладините организации, кои им помагаат на мигрантите, се нарекувани „шверцери на луѓе“, „мафијаши“, а има и заговори за нивно кривично гонење. Еден пензиониран генерал, и челник на една организација на воени ветерани, од самата граница кон БиХ побара активирање на војската. Еден пратеник од десницата мигрантите ги смета „за колонизатори“.

Во сето ова Владата на Хрватска лавира, настојувајќи да одржи некаков ред и да ги испочитува договорените мерки и постапки. Неа не ја засегаат изјавите од цивилниот сектор. Под притисокот на општите европски случувања и јакнењето на политичката десница претходната емпатија на јавноста премина во рамнодушност. На Владата не ѝ паѓа на ум сама да ја сензибилизира јавноста со темите за бегалците и активно пропагира интеграциски мерки за оние мигранти што би одлучиле да останат во Хрватска, пишува во анализата на Радио Слободна Европа.