Ние нема да се откажеме од нашата посветеност кон дијалог и кон компромис со цел да се најде сеопфатно, долготрајно и стабилно решение. Србија останува посветена на принципите на меѓународното право, рече шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ на приемот во Белград во Министерството за надворешни работи за дипломатите и главните и одговорни уредници на медиумите.

Тој им се заблагодари на земјите што го повлекоа признавањето на Косово и на оние кои не гласаа за приемот на Косово во Интерпол и рече дека дипломатската активност на Србија на ова поле не го загрозува дијалогот.

– Ние сме за договор со Приштина, но на секој нивен едностран чин кој не е договорен, ќе реагираме силно за да ги заштитиме нашите интереси. Како што и вие тоа би го сториле, рече српскиот министер за надворешни работи.

Дачиќ порача дека главен приоритет на надворешната политика на Србија ќе биде зачленувањето во ЕУ и дека ќе се продолжи со реформите на европскиот пат и покрај негативните трендови во самата ЕУ.

– Бројот на отворени поглавја не го одразува реалниот напредок во реформските процеси. Многу сме заинтересирани, нашите внатрешни напори да се вреднуваат преку процесот на преговори со ЕУ, што, се надевам, ќе биде случај во 2019 година, рече Дачиќ.

Шефот на дипломатијата во говорот оцени дека Србија останува на политиката на воена неутралност, придонесувајќи кон исполнување на безбедносните предизвици, преку учество во мисиите и операциите на ЕУ и ОН, како и преку програмата Партнерство за мир со НАТО.

Дачиќ сумирајќи ги дипломатските активности рече дека е задоволен од резултатите што Србија ги постигнала минатата година и покрај бројните предизвици и ниту малку едноставните услови што преовладуваат во светот.

На прашање на новинарите за гледиштето на ЕУ на претстојната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Белград, Ивица Дачиќ рече дека „би сакал ако претседателот на САД, премиерот на Велика Британија и претседателот на Франција почесто доаѓаат во Србија“.

– Последниот американски претседател кој беше во посета на Југославија е Џими Картер, а последниот британски премиер е Маргарет Тачер, рече Дачиќ.