Пратеникот на владејачката Алијанса за иднината на Косово, Даут Харадинај изјави дека патот од Дечани до Плав во Црна Гора ќе се изгради, без оглед на противењето на манастирот Дечани.

Братот на косовскиот премиер Рамуш Харадинај побара од свештенството на православниот манастир да не биде пречка за изградбата на патот, кој ќе го помогне развојот на регионот кој се поврзува со Црна Гора.

– Манастирот треба да биде отворен за народот и да ги негува човечките вредности за што е повикан, а не да биде пречка за равојот на оваа зона. Патот ќе се изгради – изјави Харадинај за „Газета Експрес“.

Даут Харадинај, кој бил и припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), потсетува и на војната, кога манастирот бил чуван и не бил воопшто оштетен. Албанците, вели тој, го чуваа тој објект со векови и нема да го допрат ниту сега.

– Тенденцијата да се даде етничка обоеност на еден пат кој е единствената надеж за илјадници граѓани на Дечани е сосема неприфатлива. Како граѓанин на оваа зона, сакам да ја потсетам страната која се противи дека токму овие жители се тие кои со векови го чуваа како вредност манастирот Дечани. Ниту еден единствен камен не е оштетен за време на војната -изјави Харадинај, нарекувајќи го противењето „политички и нималку човечен чин“.

Приштинскиот портал информира дека косовската Влада издвоила 12 милиони евра за продолжување на работите на патот Дечани-Плав, чија изградба е започната пред четири години.

Градежните работи на овој пат започнаа завчера, а беа прекинати вчера попладне откако, по реакциите на српската црква и политичките субјекти на косовските Срби, интервенира ОБСЕ, а потоа и американсаката амбасада во Приштина.

Денеска се огласи и шефицата на Канцеларијата на Европската унија во Приштина, Наталија Апостолова, која порача дека е „многу битно Законот за заштитената зона на Манастирот во Дечани стриктно да се почитува“.

– Секоja можна активност треба да се одобри од Имплементирачкиот и надзорен одбор – напиша Апостолова на Твитер.