Повеќето балкански држави влегуваат во период на нова неизвесност со организирањето парламентарни избори, но политичките субјекти се поделени за прашањето за датумот за изјаснување на граѓаните, кои се соочуваат со безбедносни ризици бидејќи сѐ уште не поминала целосно епидемијата

Балканските држави по смирувањето на состојбата со епидемијата на коронавирусот влегуваат во нов период на политичка и економска неизвесност, а тоа е одржување на парламентарните избори. Тоа е период од неколку месеци, кога по правило целокупната активност во земјите се одвива по инерција, а времето се троши главно на долгите политички кампањи. Во Србија веќе е определен датумот за одржување на изборите за пратеници за 21 јуни. Владејачката партија во Хрватска ХДЗ веќе има определено три можни датуми (5, 12 или 19 јули), а овие предлози ќе му бидат доставени и на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

Во континуирана изборна фаза е и Косово, во кое во екот на епидемијата беше разрешена владата на Албин Курти, кој се залага за одржување вонредни избори за 14 јуни. Главните политички ривали во Македонија сѐ уште не се усогласени за тоа кога е најдобро да се одржат вонредните парламентарни избори. Но од владејачкиот СДСМ ја форсираат идејата за одржување брзи летни избори, со што не се согласуваат од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Редовните парламентарни избори во Црна Гора треба да се одржат во октомври, иако и во оваа земја се форсираше атмосфера за предвремено изјаснување на граѓаните. Вонредни избори се најавени и во Словенија, по завршувањето на вонредната состојба, кога беше направено и ново парламентарно прегрупирање и за премиер беше избран Јанез Јанша.

Во Државната изборна комисија на Хрватска, за агенцијата „Хина“, потврдија дека почнале со подготовките за парламентарните избори, но засега немаат информации како реално ќе се спроведат тие, поради актуелната состојба со епидемијата.
– Сакаме епидемиолошките услови да бидат добри за спроведување безбедни избори. Јасно е дека тие ќе се одржат, а дали тоа ќе биде во јули или во август е мала разлика. Нашиот став е за што побрзи избори, бидејќи треба да се носат сериозни одлуки. Економијата не може да чека затоа што на некој во политиката тоа не им одговара – изјавија претставници од владејачката коалиција во Хрватска.

Датумот за одржување на изборите Србија беше менуван неколкупати, но претседателот Александар Вучиќ одлучи тие да се спроведат на 21 јуни, Одлуката ја донесе во време кога во земјата се регистрирани двоцифрен број заразени од вирусот, а српското собрание веќе и закажа седница на која ќе биде укината вонредната состојба. Но за Србија е специфично тоа што целата изборна процедура се одвива во нарушени политички односи со дел од опозицијата, која бара одложување на изборниот процес, поради „непостоење услови за демократски избори“.

– По ова тешко време важно е да обезбедиме демократска атмосфера и да избереме раководство што ќе им служи на интересите на граѓаните на Србија – изјави Вучиќ, по средбата што се одржа оваа недела со претставниците на другите политички партии, на која како главен аргумент за одржување брзи избори се наведени здравствената состојба, која е подобрена, и очекувањата за нов бран заразени наесен.
Здравствените причини се наведуваат и од опозициските партии, кои бараат одложување на изборите на подолг рок, но тие ги наведуваат и политичките мотиви, како што е потребното време за да се овозможи слободно информирање и еднаква застапеност на сите политички субјекти.

Претседателката на Делегацијата на Европскиот парламент за соработка со Србија Тања Фајон, во разговор за „Дојче веле“, вели дека „мудра одлука би била изборите да не се одржуваат додека трае пандемијата“, но додава дека за тоа одлучуваат властите во секоја земја.
– Сега гледаме потреси и сериозна ескалација на напнатоста, која се одвива преку медиумите, на улиците и на балконите и покривите на зградите. Сега кога имаме датум за избори ги повикувам сите политичари да се однесуваат одговорно и повторно да се фокусираат на своите програми. Потребно е да се извршат сите обврски за подобрување на изборните услови, да се направи радикален чекор во медиумите, во улогата и регулацијата на јавните емитери и итна деескалација на тензиите и исклучување на говорот на омраза и на застрашување.

Потребно е да се создаде доверба во изборниот процес, како од сите политички партии така и од пошироката општествена заедница – вели Фајон. Сепак, таа смета дека состојбата не дозволува спроведување брзи избори, затоа што сѐ уште владее глобална пандемија, а прашањето е како да се направат услови луѓето да имаат доверба и да веруваат дека нивното здравје нема да биде доведено во прашање, пренесува „Данас“. Таа потсети дека подготовката на избори подразбира и присуство на меѓународни набљудувачи, вклучувајќи ги и оние од Европскиот парламент, а се знае дека сѐ уште трае ограничувањето во патувањата.

– Кога власта ја користи пандемијата за своите политички поени тоа не е нешто што луѓето го заслужуваат. Имаме барање од опозицијата изборите да се одржат кон крајот на годината. Веројатно тоа би била мудра одлука, во моментот кога трае пандемијата, но властите треба да одлучат – вели Фајон.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во завчерашното интервју за ТВ 24, најави дека на лидерската средба кај претседателот Пендаровски, која треба да се одржи за неколку дена, ќе побараат датум за избори во најбрз можен рок. Средината на јуни е добро време, но ако дозволи здравствената состојба, смета Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски останува на ставот дека сега не е време за избори, туку за справување со последиците од пандемијата на коронавирусот и во здравствена, но и во економска смисла. Во овој момент треба да се има предвид и мислењето на бизнис-заедницата во Македонија, за тоа дека избори во екот на пандемијата се погубни за домашната економија, на која ѝ е потребно време за да застане на нозе по падот на стопанските активности, на што посочуваат од сите стопански комори во земјата.