Моделот за две Германии предложен од Ишингер е единствена опција за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина

Авторот на планот за решавање на косовскиот проблем според моделот за две Германии од 2007 година, германскиот експерт за Балкан Волфганг Ишингер, вели дека решението за Косово е многу далеку.

Тој во разговор за белградска „Политика“ изјави дека би бил првиот што ќе го поздрави планот, кој би имал широка поддршка од српското општество и парламентот, но и широка согласност од косовските власти.

– Моментално сме со километри, можеби и со светлосни години, оддалечени од такви претпоставки и услови. Може да се поздрави сета енергија што ја вложува претседателот Вучиќ, како што тој самиот изјавува, во пронаоѓање на можното решение – вели Ишингер.

Германскиот експерт, кој од 2009 година претседава со најголемиот светски форум каде што се разгледуваат предизвиците на современиот свет – Минхенската конференција за безбедност, деновиве престојува во Белград заради настапот на меѓународната конференција „Балкански дијалог“.

Најтешкиот проблем во регулирањето на односите меѓу Белград и Приштина е меѓународното признавање на едниот и на другиот ентитет, истакна Ишингер. Неговиот план предвидуваше склучување спогодба меѓу Белград и Приштина без заемно меѓународно признавање.

– Ништо значајно не се промени во изминатите десет години, а голем проблем е меѓународното признавање. Ако некој има подобар план, треба да се прифати тој. Но ако нема, можеби некои елементи на планот од 2007 година би можеле да бидат корисни – нагласува Ишингер.

Доколку би се постигнал договор меѓу Белград и Приштина за промена на границите и доколку се согласат двете влади и двата парламента, тогаш нема ништо што е спорно за таквото решение, гледајќи од аспект на меѓународното право, заклучува тој во разговорот за „Политика“.