Германската влада предводена од Социјалдемократската партија (СДП) има можност да го зголеми вниманието на меѓународната заедница кон проблемите со корупцијата во Бугарија, што би можело да предизвика големи проблеми за поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов и за неговата партија ГЕРБ, додека тој се обидува да се врати на власт, пишува „Еурактив“.

– Во изминатите 15 години Борисов уживаше во поддршката на коалицијата ЦДУ/ЦСУ, додека Христијанско-демократската унија (ЦДУ) помогна во формирањето на ГЕРБ во 2006 година. Поранешниот бугарски премиер можеше да смета и на силната поддршка на Европската народна партија во Брисел. А за возврат, тој заземаше улога за одржување на рамнотежа на Балканот, истовремено соработувајќи со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Заминувањето на Ангела Меркел од функцијата канцелар и доаѓањето на власт на левичарската влада во Германија би можеле да го претворат Борисов од фаворитот на Брисел во „лошото момче“ од Балканот – наведува бриселскиот портал.

Токму Германија би можела да има водечка улога во таквиот процес. Германската фондација „Фридрих Науман“ со години е активна во Бугарија, разоткривајќи корупциски скандали за време на владеењето на ГЕРБ.

Зголемениот меѓународен притисок веројатно ќе ја отежне политичката позиција на Борисов, кој сѐ уште го користи имиџот на „фаворит“ на ЕУ на домашната политичка сцена, барајќи излез од внатрешната политичка изолација во која се најде по изборите одржани во април, заклучува „Еурактив“.