Минатата недела имаше нов инцидент кога турскиот брод навлезе во водите на Грција

Грчките рибари се чувствуваат незаштитени и стравуваат турската гранична полиција да не им ја одземе опремата за рибарење

Зголемените тензии меѓу Грција и Турција, особено по неуспешниот обид за пуч во Турција, постојаните судири околу гасот во кипарските води и пропуштањето на мигрантите, најдобро се гледаат на пограничниот регион на реката Марица. Водите од реката, која ги разграничува двете земји, се влеваат во Егејско Море. Делтата на Марица, со површина од 200 квадратни километри, е од големо значење за растителниот и за животинскиот свет.

Тешко е да се контролира мрежата од голем број канали, притоки и лагуни. Затоа Министерството за внатрешни работи на Грција се потпира на помошта од локалните рибари, кои војската ги користи и како некој вид гранична стража.
Танасис Камиларис е долгогодишен рибар и добро ја познава средината. Но, како што вели тој за „Дојче веле“, состојбата на пограничната област во последно време станува опасна.

– Повторно има судири меѓу турските граничари и грчките рибари. Нѐ пресретнуваат и на грчката државна територија. Бев на реката и сакав да поставам мрежи. Од другата страна дојдоа четворица турски војници. Вперија оружје во мене. Ми порачаа дека ова е Турција. А бев стотина метри подалеку од границата – вели Камиларис.
На неговиот колега рибар му го одзеле бродот. За Турција тоа е бизнис. За да ги пуштат грчките рибари треба да платат 5.000 евра.
– Во спротивно половина година мора да седите во затвор. Еден рибар мораше да плати и дополнителни 4.000 евра за адвокати, за да може пред турските судови да се бори за својот брод – вели Василис Вицас.

За овие инциденти никој не зборува јавно, ни медиумите во Грција не пишуваат. Рибарот Камиларис вели дека инцидентите на пограничната река зачестиле по неуспешниот обид за пуч во Турција. Пред тоа немало проблеми.
– Турците доаѓаа и ловеа риба. И ние ловевме риба. Немаше никакви инциденти. Знаевме и да поразговараме кога ќе се сретневме. Немаме проблеми со луѓето од другата страна. Дури и војниците нѐ поздравуваа. Со заострување на внатрешнополитичката состојба во Турција, напнатоста порасна и на делтата на реката Марица – вели Камиларис.

Грчките рибари се чувствуваат незаштитени и оставени сами на себе. Но нагласуваат дека ако си заминеле грчките рибари, овој предел одамна би бил турски. За рибарите е побезбедно кога грчката полиција и војска заедно патролираат на пограничната река. Но тоа не е доволно, а безбедноста на границата им е препуштена на рибарите. Тие се надеваат на помошта од Атина. Владата на конзервативниот премиер Киријакос Мицотакис во јули лани победи на предвремените избори и поради ветувањата дека ќе ги зголеми мерките за безбедност во земјата. Дел од тој план е ограничување на бројот на бегалците на границата меѓу Грција и Турција. Со заедничките патроли на полицијата и војската, Владата од декември се обидува да ја затвори грчко-турската граница, за да го спречи приливот на мигранти, кој сѐ повеќе се зголемува. Затоа на границата на Марица треба да се стационираат нови 400 грчки војници, пишува „Дојче веле“.

Според сведочењата на рибарите, последните години има сѐ помалку нелегални преминувања, а мигрантите повеќе доаѓаат со бродовите до грчките острови. Односите меѓу Анкара и Атина се многу заладени. Тензиите дополнително се зголемија со спорот околу гасот пред кипарскиот брег и турските акции во Либија. Има сѐ повеќе гранични инциденти, а има и нарушување на воздушната грчка територија од прелети на турски воени авиони, информираат повеќе грчки медиуми.

Грција се бори со големиот раст на имиграцијата преку Турција и стана главната точка на нивниот влез во Европа. Камповите за мигранти на грчките острови се преполни, а минатата недела беше најавено и поставување на пловечка ограда што ќе ги блокира мигрантските бродови во Егејско Море. Грција веќе постави ограда со должина од 10 километри по должината на делот од границата каде што реката го менува курсот, но остана дел од сува земја преку која мигрантите лесно можат да минат. Камерите ќе бидат поставени на столбови високи 50 метри, а секоја од нив ќе може да покрива 10 километри од границата долга 200 километри. Минатата недела имаше нов инцидент кога турскиот истражувачки брод навлезе во територијалните води на Грција.

Многумина Грци стравуваат од отворен судир со Турција. Според мислењето на Сотирис Сербос, професор на меѓународна политика на универзитетот „Тракија“, тоа пред сѐ зависи од турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

– Доколку Анкара смета дека е корисно заострување на судирот, тогаш може да дојде до ескалација. Самодовербата на Ердоган порасна по турската воена интервенција во Сирија. Турскиот претседател ќе игра на геополитичка карта додека трансатлантската политика не постигне консензус. Европа еднаш мора да сфати. Во Турција има многу проблеми и поделби, но национализмот и војската ја обединуваат земјата – вели Сербос за „Дојче веле“.