Пред неколку дена со посредство на Германија беше избегнат воен судир

По зголемените тензии меѓу двете членки на НАТО, Грција и Турција, за барањето нафта во спорниот регион, свое воено присуство најави и Франција

Турскиот брод за сеизмички истражувања „Оруч рејс“, кој, според официјална Атина, се наоѓа во грчкиот континентален гребен и излезе од спорната зона, вчераутро го смени правецот и плови паралелно со линијата на движење од претходните денови. Според грчката новинска агенција АНА-МПА, бродот плови во кипарската ексклузивна економска зона и во рамките на издадената турска навигациска информација, за која Грција смета дека е нелегална. „Оруч рејс“ го следат турски воени бродови, а во морскиот дел се распоредени и грчки сили. Од вчера Франција, исто така, го најави своето воено присуство на просторот на источен Медитеран, а францускиот претседател Емануел Макрон ја повика Турција да прекине со барањето нафта и гас во спорните води. Францускиот претседател во разговор со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изрази загриженост за „военото“ истражување и најави дека Франција ќе го следи развојот на настаните во регионот со што би го заштитила меѓународното право.

Турскиот брод за истражување за нафта и гас „Оруч рејс“ започна со пребарување на тие ресурси во спорните области на источниот Медитеран, изјави турскиот министер за енергија, на почетокот на оваа недела. Најавата на Анкара дека ќе започне со истражување доведе до зголемување на тензиите меѓу Грција и Турција, членки на НАТО, но и регионални ривали, за правото за барање нафта и гас во Медитеранот. Бродот истражува на подрачјето за кое Грција тврди дека се преклопува со нејзиниот континентален појас и бара негово повлекување. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во видеопораката до граѓаните изјави дека „ниту една провокација нема да остане без одговор“.
Турција и Грција се спорат околу територијалните води богати со енергенти, а тензиите меѓу двете земји-членки на НАТО дополнително се зголемија оваа недела, кога Анкара го испрати истражувачкиот брод во спорниот дел на Средоземно Море. Грчката армија испрати бродови да го следат истражувачкиот брод на Турција, еден ден откако Атина потпиша спогодба со Египет.

Пред неколку недели ситуацијата во Егејско Море ескалира, кога со посредство на германската канцеларка Ангела Меркел беше спречен поблизок воен конфликт меѓу Турција и Грција. Во образложението на турската влада се наведува дека оваа зона е турско подрачје, во согласност со договорот со либиската влада во Триполи. Минатата недела Грција и Египет потпишаа договор, со кој ги утврдија своите економски зони во источниот дел на Средоземно Море.
– Договорот, кој сега е потпишан, е во директна врска со договорот за ЕЕЗ, кој Турција и Либија го потпишаа во ноември 2019 година. Грција и Египет во тоа видоа голема повреда на своите интереси. Целта беше на Турција да ѝ се постават граници – изјави Штефан Рол од берлинската фондација за наука и политика, кој е експерт за Блискиот Исток, во разговор за „Дојче веле“.

Тензии има не само меѓу Грција и Турција туку и меѓу Египет и Турција, а причината за тоа се нови наоѓалишта на нафта. Енергетската стратегија на Египет има цел голем извоз на нафта. Меѓутоа, спорот со Турција е многу, многу подлабок. Тој потекнува уште од државниот удар во 2013 година во Египет, кој беше насочен против тогашното владејачко Муслиманско братство. Каиро ѝ замерува на Турција дека го поддржува Муслиманското братство, а многу кадри од Муслиманското братство се во егзил во Турција. Ексклузивната економска зона (ЕЕЗ) за која договор постигнаа Египет и Грција делумно се преклопува со економските зони на кои право полагаат турската и либиската влада.
– Ни Турција, ниту Грција, а особено Египет не се за директна конфронтација, бидејќи исходот од тој конфликт би бил неизвесен. Ни Европската Унија, ниту НАТО воопшто не се заинтересирани за конфликт меѓу Грција и Турција. И порано постојано имало моменти на ескалација, но тие секогаш биле ставани под контрола. Во моментов, ова се само закани. Но никогаш не се знае во тој регион – предупредува Штефан Рол.

Според него, во блиска иднина нема изгледи за решавање на спорот во овој дел од Средоземно Море, поради различните интереси на сите играчи на меѓународната политичка сцена. САД сè уште не одлучиле на чија страна треба да застанат: во војната во Либија, на страната на Турција и против Египет и Русија, или обратно.
– Односите на САД со Египет не се повеќе толку неоптоварени како порано. Анкара и Каиро купија руски системи за вооружување против волјата на САД. Секој си игра своја игра и не ги почитува традиционалните сојузнички структури. Германците очигледно немаат сопствени интереси таму. Единствено прашање е дали Германија има доволно тежина да влијае на настаните во тој регион. Германија не е доволно способна. Во моментов, тоа може да помогне само краткорочно во еден акутен случај, каков што беше случајот со телефонскиот разговор меѓу канцеларката Меркел и турскиот претседател Ердоган пред неколку недели – вели Штефан Рол за „Дојче веле“.