Митрополитот Амвросиос од грчкиот град Калаврита е осуден на условна затворска казна од седум месеци, која нема да се изврши доколку во рок од три години не стори ново кривично дело – јавно поттикнување насилство или омраза и за злоупотреба на црковната служба, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот митрополит во декември 2015 година објави текст во кој ги нападна хомосексуалците и побара од граѓаните да ги плукаат, а еден месец подоцна активисти за правата на ЛГБТ заедницата поднесоа тужба против Амвросиос за поттикнување насилство или омраза врз основа на Законот за борба со расизам и за злоупотреба на црковната служба. Во мај беше ослободен, но следеше жалба и вчера беше прогласен за виновен.

Митрополитот Амвросиос освен што јавно го искажува неговото несогласување со правата на ЛГБТ заедницата, важи за поддржувач на Златна зора, а во минатото има изјавено дека мигрантите „ја загадуваат земјата“, категорично е против изградба на џамија во Атина, а по катастрофалните пожари лани во областа Атика, рече дека главен виновник е грчкиот премиер Ципрас бидејќи е атеист.