Грчката влада и Грчката православна црква постигнаа условен договор околу 10.000 свештеници и помошен персонал да се отстранат од платниот список на Владата, со што се отвора патот кон јасна поделба помеѓу црквата и државата.

Договорот е постигнат помеѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и архиепископот Јеронимос. Договорот предвидува државата да исплаќа субвенции на посебен црковен фонд за исплата на плати за свештениците, објави МИА.

Со договорот е опфатено и решение за повеќедеценискиот спор за имотот на грчката држава и Грчката православна црква, која е еден од најголемите сопственици на недвижнини во земјата.

Според досегашниот систем, платите на свештениците се исплаќаат директно од државниот буџет, како и вработените во јавниот сектор, а за платите на свештениците се издвојуваат околу 200 милиони евра годишно.

Здружението на грчки свештеници веќе најави дека ќе се спротивстави на секој обид за укинување на статусот државни службеници.
Грчката православна црква со векови има водечка улога во државата, а според Уставот, православието е официјална религија во Грција