Воздухопловната компанија Grecian Air Seaplanes најави дека ќе воведе летови со хидроавиони во септември за подобро поврзување на островите со копното откако пристаништата добија дозволи за овој вид транспорт.

Во почетната фаза флотата ќе вклучува три хидроавиони со 19 седишта, кои ќе летаат од пристаништата на Јонското Море, а со текот на времето нивниот број треба да се зголеми.

Хидроавионите може да функционираат како дополнување на другите превозни средства, вклучувајќи траекти и стандардни авиони, а исто така може да се користат за чартер-летови, медицински превоз и товарни услуги, истакнува „Ројтерс“.

Грција има вовлечено крајбрежје од 16.000 километри, кое е идеално за услуги со хидроавиони. Превозниците може да го подобрат пристапот до многу туристички дестинации и слабо поврзани острови, што би го зајакнало туризмот.

Компанијата соопшти дека планира да ги прошири деловните активности паралелно со издавање лиценци на пристаништата на островите во Јонското Море, вклучувајќи ги Крит, Киклади, Споради и Додеканези.