Автопатот Солун – Атина, од вчера е затворен за сообраќај и во двата правци, поради поставените блокади од страна на грчките земјоделци во близина на градот Лариса, каде што се паркирани над 450 трактори, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчката полиција, преку соопштение информираше дека поради протестот на земјоделците од вчера од 14 часот, дел од автопатот е затворен за секаков тип возила и во правец од Солун кон Атина и од Атина кон Солун, а автомобилите, камионите и автобусите ќе бидат пренасочувани по споредни и локални патишта.

Земјоделците низ цела Грција до синоќа, поставија вкупно 13 блокади, во северниот и централниот дел на земјата, на Пелопонез и на островот Крит.

Воедно, формиран е Комитет за блокадите, кој ги повикува сите земјоделци масовно да излезат на протестите.

Грчките земјоделци, меѓу другото, бараат намалување на трошоците за производство и зголемување на земјоделските приходи.