Клучното прашање што се разгледува во Атина е како да реагираат доколку Турција одлучи да спроведе сеизмички истражувања или дупчење, во рамките на континенталниот гребен на Грција или во нејзиниот дел од Кипар

Додека Турција продолжува со своето провокативно однесување во источниот Медитеран, и покрај тоа што Европската Унија (ЕУ) ја повикува да се откаже од дупчење нафта, во ексклузивната економска зона (ИЕЗ) на Кипар, грчките вооружени сили се подготвени да се справат со евентуалната ескалација на тензиите во Егејско Море, пишува грчкиот весник „Катимерини“. Иако во овдешните туристички агенции велат дека тензиите на оваа островска држава засега не се одразуваат на нивните аранжмани, граѓаните што самоиницијативно сакале да ја посетат, веќе се откажуваат од идејата.

Според извори на весникот, клучното прашање што се разгледува во Атина е како да реагираат доколку Турција одлучи да спроведе сеизмички истражувања или дупчење, во рамките на континенталниот гребен на Грција или во нејзиниот ИЕЗ. Најголемата загриженост е за потенцијалната турска интервенција источно од островот Родос и јужно од грчкиот остров Кастелоризо.

На политичко ниво, Атина го направи тоа што можеше, нагласувајќи ги потенцијалните реперкусии за провокативното однесување на Турција врз стабилноста пошироко во регионот. Извештајот на ЕУ од минатата недела беше добредојден за грчкиот премиер Алексис Ципрас, како „прва јасна и решителна“ осуда врз Турција „по децениското кршење на меѓународното право“.

На оперативно ниво, пак, помалку јасно е тоа што треба да биде одговорот на Грција. Вооружените сили на земјата ќе бидат на штрек во текот на летото, додека претставниците на одбраната подготвуваат серија планови за да се справат со можна турска интервенција.

– Плановите првенствено се засновани на маневрите на грчката морнарица, бидејќи Турција во моментов користи истражувачки бродови и бродови со дупчалки за да го утврди своето присуство во регионот. Меѓутоа, грчките воздухопловни сили, најверојатно, ќе имаат поддржувачка улога на каква било реакција – пишува „Катимерини“.
Запрашан минатата недела дали Грција може да смета на воена поддршка од ЕУ или од САД во случај на инцидент, министерот за одбрана, Евангелос Апостолакис, за новинарите изјави дека Грција сама треба да го скрои планот за да се справи со такво сценарио.

– Не постои такво ветување, ниту таков проблем во моментов, но како што реков претходно, кога би требало да направиме нешто што го очекуваме, во основа ќе бидеме сами – изјавил Апостолакис.

Атина, исто така, има мала верба во ветувањата на францускиот претседател, Емануел Макрон, дека ќе ја испрати француската морнарица во Егејско Море доколку тоа е потребно, бидејќи такви ветувања имало и во минатото.

Побаравме одговор од неколку скопски туристички агенции, кои како актуелни дестинации го нудат токму Кипар, но добивме одговор дека туристички агенции воопшто немаат аранжмани за грчкиот дел на оваа островска држава.

– За грчкиот дел, односно за Јужен Кипар, воопшто не нудиме аранжмани бидејќи нема побарувачка за него. Чартер-летови нема, додека, пак, за турскиот дел (Северен Кипар) има голема заинтересираност и се исполнуваат квотите – велат во една од агенциите.

И во друга туристичка агенција, исто така, велат дека не нудат аранжмани за Кипар, поради малата побарувачка, но и поради фактот што од Солун нема чартер-лет за Кипар, додека другите грчки острови Родос, Скијатос, Лефкада се многу привлечни и доста посетувани од страна на нашите туристи.

Но на Македонците што сакаат да го посетат грчкиот дел, односно Јужен Кипар, во сопствена режија им останува само варијантата да го посетат претрчувајќи низ него без воопшто да преспијат во оваа држава.
– Поради политичката ситуација во грчкиот дел на Кипар, принудени сме со нашите деца само на минување да ја посетиме оваа островска држава. Едноставно не сакаме да ризикуваме. Туристичките агенции не нудат аранжмани, па во сопствена режија со брод ќе крстосуваме низ Средоземно Море – вели наша сограѓанка, која се откажа од идејата својот десетдневен годишен одмор да го мине токму на оваа туристичка дестинација.

Според историјата на Кипар, која е островска држава во Средоземно Море, северниот дел од крајбрежјето му припаѓа на Турција, додека јужниот на Грција. Само грчкиот дел (Јужен Кипар) е влезен во ЕУ, кој се одликува со развиен туризам и огромна посетеност, особено сега за време на летната сезона.