Митрополитот Амвросиос од грчкиот град Калаврита, кој важи за жесток грчки конзервативец, денеска поднесе оставка, пренесуваат грчките медиуми.

Тој е познат по острите изјави против оние за кои тврди дека делуваат „нехристијански“, вклучително и хомосексуалците, мигрантите и политичарите.

Амвросиос (81) објави оставка за време на денешната литургија. Тој беше митрополит во Калаврита, во јужна Грција, од 1978 година.

Амвросиос го привлече вниманието со поддршката на крајната десничарска, анти-имигранстка партија „Златна зора“, која сега е во распад, а нејзините функционери се на судење или во затворите.

Оваа година, судот го осуди Амвросиос поради говор на омраза кон ЛГБТ лицата. Доби само условна казна од 7 месеци затвор.

Минатата година изјави дека смртоносниот пожар со стотина загинати во близина на Атина, бил „божја казна“ за тогашниот „атеистички“ левичарски премиер, Алексис Ципрас.