Во Грција е отворен првиот крематориум по неколкудецениско спротивставување на Грчката православна црква (ГПЦ), која смета дека кремирањето е непочитување на телото.

Крематориумот се наоѓа во Рицона, оддалечена 80 километри од Атина, а е изграден од приватна компанија за четири милиони евра. Сите претходни обиди на локалните власти во Грција да изградат нешто слично, вклучително и Атина и Солун, пропаднаа поради спротивставувањето на Црквата.

Крематориумот започна со работа и пред официјалното претставување пред јавноста, веќе се извршени 30 кремации. Иако кремирањето беше прогласено за легално во Грција уште во 2006 година, постапките не можеа да се водат заради спротивставувањето на Грчката православна црква, и покрај недостигот на гробни места во државата.

– Црквата не прифаќа спалување на телото затоа што тоа е храм на Светиот Дух. Секој што искажува намера да се кремира го потврдува своето раздвојување од Црквата и затоа нема право на верски обред  – соопшти претходно Црквата.

Грците досега беа принудени да одат во странство за да обезбедат кремирање на нивните починати најблиски, со што соседната Бугарија беше најблиската дестинација што нуди ваква можност.