Грција најави набавка на четири нови фрегати во флотата на воената морнарица и модернизација на старите. Како што изјави грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис ќе бидат купени и 18 француски борбени авиони – „Рафале“.

Мицотакис наведе дека Грција сака да ја зајакне својата одбрана.

– Дојде време да ги зајакнеме нашите вооружени сили. Ова е важна програма што ќе создаде национален штит – рече грчкиот лидер во Солун, додавајќи дека тоа ќе создаде илјадници нови работни места, пренесува „Франс прес“.

Бројот на војници ќе се зголеми за 15 илјади, а ќе се зголемат и залихите на противвоздушни ракети, торпеда и друга муниција.

Набавката се случува во време на зголемени тензии со Турција поради активностите во Медитеранот.

По тој повод, Мицотакис денеска во Солун при презентацијата на владините мерки изјави дека додека светот е под опсада на двојната криза, здравствената и економската, Грција „продолжува да управува и со националниот фронт, кој станува сè покритичен, бидејќи Анкара ги загрозува источните граници на Европа и ја поткопува безбедноста на чувствителната крстосница на три континенти”.

Мицотакис соопшти и 12 мерки за заштита на работните места и продуктивната активност за време на кризата и за поддршка на приходите на најслабите во тешкиот период што претстои.

Спор со Турција

Грција и Кипар веќе со месеци се во расправија со Турција во врска со делови од источниот Медитеран за кои сите три земји тврдат дека имаат право на истражување и дупчење во потрага по природен гас.

Мицотакис ја обвини Турција за закана кон грчките граници и загрозување на регионалната безбедност.

Спорот во Медитеранот резултираше со испраќање на турски истражувачки бродови во спорните води, по што сојузниците од Европската унија ги испратија своите пловни објекти во тие области.

Макрон и Ердоган разменија предупредувачки пораки поради спорот со Грција

По критиките што францускиот претседател, Емануел Макрон, ги упати до турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, тој вчера жестоко му возврати.

„Не играјте со турскиот народ, не играјте со Турција“, му порача Ердоган на Макрон.

Францускиот претседател на почетокот на неделава објави дека Турција, една од воено најмоќните членки на НАТО, повеќе не е партнер во Средоземното море поради територијалните претензии и истражувањето на гас во водите што им припаѓаат на Грција и Кипар.

Макрон ова го рече за време на неформалниот самит со јужните членки на ЕУ кои ја предупредија Турција да не презема „еднострана акција“ на Медитеранот.