Грција може да учествува и да го помогне системот „Ковакс“ за да се испорачаат вакцини за соседните земји, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Брисел, веднаш по Европскиот совет за време на брифингот со грчките новинари. Мицотакис објасни дека едниот начин е билатерално да се помогнат соседите, а другиот преку директен придонес во вакцините што ќе ги собира Европа.
– Прво, можеме да придонесеме на билатерално ниво и во овој момент разгледуваме непосредно прво билатерално зајакнување на нашите соседи. Потоа, имаме можност да учествуваме или директно во „Ковакс“ или евентуално преку европската иницијатива, односно и ние да влеземе во 100-те милиони вакцини што Европа сака да ги собере. Ова ќе биде начинот, но многу веројатно е дека ќе излеземе со некои соопштенија за директна поддршка на нашите соседни земји, штом се осигуриме дека ја имаме оваа можност, веднаш ќе го сториме тоа – објасни Мицотакис.
Грчкиот премиер истакна дека Европа ги обезбедила дополнителните дози за 2022 и 2023 година, а според неговата процена, сигурно ќе биде потребна уште една доза од девет до 12 месеци по првата вакцинација.