Грчките власти денеска ја објавија својата намера да го обноват барањето за пристап до фондовите на ЕУ во 2022 година со цел проширување на заштитниот ѕид долж границата со Турција.

Атина, како што пишуваат медиумите, сака дополнително да ја подобри својата моќна мрежа за надзор за да ги спречи бегалците да влезат во земјата илегално.

Грчкиот министер за внатрешни работи Такис ​​Теодорикакос пред парламентарната комисија предупреди дека Грција очекува некои земји кои граничат со ЕУ да продолжат да ги користат бегалците за да вршат политички притисок врз земјите-членки, наведувајќи ја неодамнешната криза на границата на Белорусија со Полска и другите членки на ЕУ.

– Ги имаме сите причини да очекуваме дека таквите закани ќе продолжат – предупреди Теодорикакос.

– Убедени сме дека безбедноста на нашите граници е поврзана со безбедноста на ЕУ – рече Теодорикакос, додавајќи дека граничните бариери и огради обично се финансираат од националните влади.

За почетокот на следната година тој го најави почетокот на работата на Контролниот центар кој ги обработува податоците собрани преку системот во новоизградените кули за граничен надзор, опремени со камери и бројни сензори.