Експертите денес ја проценуваат штетата по земјотресот со јачина од 6,3 степени, што го погоди централниот дел на Грција, кога 11 лица беа повредени, а стотици згради беа оштетени.

Десетици жители на селата Дамаси и Месохори, северно од Атина, ја поминале ноќта надвор.

Ним им е обезбедено сместување во шатори и хотели во блиските градови Трикала и Лариса, објави Цивилната заштита.

Синоќа се почувствуваа повеќе земјотреси, а најсилниот беше со јачина од 5,2 степени.

Екипи прегледуваа куќи, како и училишта кои денес се затворени поради претпазливост, болници и други јавни згради.

Меѓу оштетените згради има четири цркви, од кои едната е од 17 век, соопшти Министерството за култура.

Земјотрес со јачина од 6,3 степени според Американскиот геофизички институт, односно шест степени според податоците на Атина, беше регистриран вчера нешто пред 12 часот.

Епицентарот бил на 238 километри северно од Атина и на длабочина од осум метри, објави Атинската опсерваторија.