Откако Грција неодамна соопшти дека планира да купи оружје, за да ги зајакне своите вооружени сили поради растот на тензиите со сојузникот во НАТО, Турција, околу енергетските ресурси на истокот на Медитеранот, премиерот Кирјакос Мицотакис неделава истакна дека тој со ова нема намера да влезе во трка за вооружување со Турција.
Имено, како што пренесува грчки „Катимерини“, Мицотакис, нагласувајќи ја потребата од модернизација на грчката армија, истакнал дека тоа нема врска со некакво воено натпреварување со Турција.
– Не сум расположен за трка во вооружувањето со Турција. Тоа не е моја намера, бидејќи, знаете, ова се одлуки за програми за оружје што имаат долг хоризонт. На мојот наследник ќе му предадам помоќни вооружени сили – изјави грчкиот премиер.
Ваквите ставови веднаш беа во фокусот на турските медиуми.
Инаку, Грција, заедно со Кипар, во моментов е во сериозен спор со Турција за правото на барање енергенти во источниот дел на Средоземно Море. Во таа насока двете земји изминатиов период испратија морнарички и воздухопловни сили во тој регион.
– Турското раководство секојдневно испраќа закани со војна и објавува провокативни соопштенија против Грција – напиша „Асошиејтед прес“ на оваа тема.