Од европската вселенска станица во Куру, Француска Гвајана, успешно беше лансиран сателитот „Хелас Сат 4“ во носечката ракета Ариана 5, што ќе ги користи грчката и кипарската орбита, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот за телекомуникации на Грција, Никос Папас говорејќи за ЕРТ, веднаш по лансирањето истакна дека тоа е важен чекор за Грција и ќе придонесе за развој на економијата, додека, пак, грчкиот министер за одбрана, Евангелос Апостолакис смета дека и вооружените сили на Грција ќе имаат корист.

– Лансирањето на „Хелас Сат 4“ ќе ги зголеми нашите можности за автономни сателитски комуникации, за одбраната и безбедноста, а ЕРТ ќе ги искористи неговите можности, рече Папас.

Сателитот произведен од „Локхед Мартин“ е со маса од 6.495 килограми, животен век од над 15 години, ги покрива географските области на Европа, Африка и Азија и ќе понуди телекомуникациски услуги, сателитски интернет, сателитското телевизиско емитување, сателитските податочни врски и слично.

Новиот сателит на „Хелас Сат 4“, што е прв од ваков вид во светот, паралелно ќе биде и хибриден сателит, а во орбитата ќе му се придружи на „Хелас Сат 3“ лансиран во 2017 година.

– Со лансирањето на „Хелас Сат 4“, Грција веќе зазема силна позиција на меѓународната вселенска мапа нудејќи услуги на високо ниво, онаму каде што е потребно. На грчките вооружени сили ќе им овозможи апсолутно сигурни сателитски комуникации, изјави за ЕРТ министерот за одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис.

Лансирањето на сателитот во живо го пренесуваше грчката државна телевизија ЕРТ.