Грција неделава се соочува со нови штрајкови и протести во врска со контроверзната реформа на Законот за работни односи. Протестите вчера беа најавени во Атина и во другите поголеми градови, а штрајкот ја запре работата на јавните служби, сообраќајот на траектите и превозот во Атина, освен автобусите. Неколку лета исто така беа откажани или одложени поради штрајкот на контролата за летање.
Според грчката влада, нацрт-законот воведува можност за флексибилно работно време, воспоставува правила за работа од далечина и вклучува гаранции за сексуално вознемирување на работното место, пишува агенцијата АФП.
Владиниот портпарол Аристотел Пелони изјави дека реформата „ги усогласува законите со реалните потреби на вработените“.
Министерот за труд Костис Хацидакис рече дека новите регулативи им овозможуваат на вработените да преговараат со работодавецот за можноста за зголемување на работното време во еден дел од годината, како и за повеќе одмори.
Опозициските партии сметаат дека реформата е „болен чекор наназад“ во однос на работничките права, а критичарите велат дека со тоа се формализира искористување на прекувремената работа од страна на бескрупулозните газди, што е практика со години, потсетува АФП.