Грчката влада го претстави нацрт-планот за олеснување на ограничувањата наметнати од пандемијата на коронавирусот очекувајќи туристите да пристигнат во средината на мај.

Кафулињата на плажите може да се отворат веќе утре, велат службени лица, а пренесува државната телевизија.

Училиштата ќе бидат отворени в понеделник, музеите може да бидат отворени на 14 мај, кината на отворено на 21 мај, а театрите на отворено на 28 мај истиот месец, објавуваат агенциите.

Ресторани на отворено во Грција се отворија минатиот понеделник по шест месеци.

Шефот на грчката цивилна заштита, Никос Чардалијас, рече дека прават претпазливи, но неопходни потези за отворање на земјата.

Тој ги повика Грците да продолжат да ги почитуваат мерките на претпазливост.

Иако бројот на заразени лица во Грција опаѓа, можни се локални избувнувања на зараза поради отворањето на земјата, предупреди главниот штаб.

Ублажувањето на мерките е придружено со дополнителни регулативи – учениците во училиштата ќе мора да покажат негативен тест в понеделник и в четврток, што ќе им го дава бесплатно државата.

Полицискиот час, кој трае од 23 до 5 часот наутро, исто така останува во сила, велат надлежните.